Низа културни настани промовирани од Амбасадата на Италија во Скопје се предвидени за 21. издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот, која што оваа година го бележи јубилејот седумстотини години од смртта на Данте Алигиери, поетот кој се смета за татко на италијанскиот јазик и на самата идеја за Италија.
Настаните ќе бидат од различен карактер, од музика до филм, од книжевна критика до опера, од уметност до дизајн.
Познатиот македонски пијанист Симон Трпчески, под диригентската палка на Габриел Бебешелеа, вечер во Филхармонијата во Скопје ќе ја изведе симфонијата „Данте“ и Концертот бр. 2 за пијано и оркестар на Франц Лист, со што ќе се отвори и концертната сезона на Филхармонијата.
На 18 октомври ќе се случи официјалното отворање на Неделата на италијанскиот јазик во светот со онлајн семинар на познатиот литературен критичар проф. Џулио Ферони од Универзитетот „Ла Сапјенца“ во Рим, добитник на наградата Виареџо 2020, во категоријата есеистика, со делото „Италија на Данте. Патување во земјата на комедијата“.
Вечерта, во Археолошкиот музеј во Скопје, ќе биде инаугурирана изложбата Рафаело, на која ќе може и преку интерактивна инсталација да се разгледуваат делата на еден од најголемите ренесансни сликари на Италија .
На 19 октомври вечерта, во Кинотеката на Република Северна Македонија, ќе биде прикажан филмот „Пеколот“, во режија на Франческо Бертолини инспириран од илустрациите на Густаво Доре. Проекцијата на филмот ќе биде придружувана на пијано од пијанистот Марио Маријани.
На 21 октомври ќе биде претставен интеркултурен настан организиран од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, насловен „Светот на Данте во колективната меморија – јазични и визуелни аспекти“.
На 22 октомври ќе биде награден победникот на натпреварот за најдобар постер Данте 700, настан организиран од Институтот „Данте Алигиери“ од Скопје. Победнички постер визуелно ќе ја претставува Неделата на италијанскиот јазик.
Како заокружување на настаните посветени на Данте, на 19 ноември во Македонската опера и балет ќе биде изведена светската премиера на операта „Lapeggiamenti, amenità, querimonie et altri tremendi affetti nella nobilissima Florentia“, либрето од Клаудио Салтарели и музика од Џо Скетино, во изведба на македонскиот тенор Благој Нацоски и баритонот Џанпјеро Руџери.
Љубителите на италијанската уметност и култура, исто така, ќе можат да ја искористат и специјалната промоција за купување италијански книжевни дела во многу книжарници во Скопје.