Пописот на населението, домаќинства и становите 2021 е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за МИА, вели дека е особено горд што овој попис е ефикасен, професионален и успешно спроведен и претставува темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество.
Вкрстената анализа на сите податоци, Симовски, вели дека не остава простор за манипулација и кога располагате со сериозни бази на податоци преку кои неколкукратно правите проверка на прибраните податоци од терен, можноста за грешка е практично непостоечка. Имањето на прецизни информации за реалната состојба на населението, ќе ѝ обезбеди на државата можност да креира политики, кои ќе можат подобро да одговорат на потребите на граѓаните и бизнисот.
Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет на податоци што ќе биде објавен утре, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…
Статистиката е дел од првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ, што според Симовски, значи дека без статистика ниту едно поглавје не може да се отвори ниту да се затвори. Статистика, освен за своето Поглавје 18, мора да биде поддршка на сите останати поглавја.
Симовски неодамна изјави дека тој еден месец ќе биде „непријател број еден во државава“ по објавувањето на податоцсите од пописот што беше спроведен лани.