Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски не е запознаен со промените во пописните резултати во делот за религиската припадност.
– Ќе провериме за што станува збор и ќе бидете известени во понеделник, најверојатно се работи за техничка грешка, но мора да провериме, вели тој за „Слободен печат“.
Според новата табела која од вчера е достапна на официјалната страница на ДЗЦ, има промена на бројот на атеисти каде првичната бројка беше дека само 355 лица во земјата се изјасниле како атеисти, додека сега бројката е 8.764.
Во оваа табела „исчезна“ и графата евангелско-протестантски христијани, каде претходно беа впишани 8.764 лица. Од табелата мистериозно исчезнаа и попишаните лица по верска определба чија бројка беше помала од 500, па така ги „снема“ и попишаните лица кои се изјасниле како Евреи.