Пописот е завршена работа, не може да се прават дополнителни проверки на тие што не се попишале во септември – појаснува за Канал 5 директорот на статистика Апостол Симовски.
Според него, ниту законски измени со кои тоа би се овозможило не се опција, бидејќи смета дека сите граѓани имале доволен период да се попишат. Сепак, за тие 132 илјади граѓани, Симовски вели дека се обезбедени клучните податоци, а такви вели, не се етничката и религиската припадност, како и јазикот кој го говорат.
Дел од политичките партии ја отворија дилемата, зошто бројот на вкупното население кој го објави Симовски на крајот на пописот, не е идентичен со официјалната статистика објавена завчера. Тој објаснува дека при обработката на податоците, нормално е да има промена во бројките.
Денеска со реакција за резултатите се огласи и Македонската Православна Црква, откако на пописот се појави две паралелни категории – Православни и Христијани. За нив е спорно неправењето на разлика меѓу религија, вероисповед и верски заедници или групи. Сметаат дека граѓаните биле доведени во заблуда при впишувањето на нивната определба.
-МПЦ-ОА ги вреднува како нерелевантни податоците од пописот на населението, особено во делот за религиозната припадност, со заклучок за постоење на сериозна статистичка грешка, која во случајот опфаќа 13,4 отсто од населението. – Македонска православна црква – ОА.
Симовски пак, отфрла било каква вина кај попишувачите..
Со овој попис, прв пат имаше опција и за самопопишување на иселените.. Ја искористија околу 260.000, но споредбено со податоцоите на МВР за издадени државјанства, таа бројка е околу 670.000..
Од МВР за Канал 5 велат дека заклучно со 4 октомври 2021 година, во системот имале регистрирано точно 2.503.426 македонски државјани.