Синдикатот на просветните работници на Србија соопшти дека сите нивни членови кои работат во училиштата ќе престанат со работа в петок, на 5 мај, поради нападот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, каде беа убиени осум ученици и еден чувар, јави дописникот на МИА од Белград.
-Вработените тој ден (петок) ќе бидат во училиштата, но нема да изведуваат настава. Образованието занеме. По консултација со вработените во образованието ќе донесеме одлуки за кои навремено ќе бидете известени, стои во одлуката потпишана од претседателката на синдикатот Јасна Јанковиќ.
Претходно Српскиот синдикат на просветните работници, како и неколку други синдикати, најавија дека ќе ја прекинат наставата во петок, на 5 мај.
Утре со одлука на Владата започнува и тридневната жалост во Србија по повод „најтешкиот ден во современата српска историја“ кога осум деца и еден чувар се убиени во вторникот во вооружен напад на тринаесетгодишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград. Шест ученици и еден наставник се повредени, а напаѓачот е уапсен.