Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) официјално стана репрезентативен, кој ги застапува правата на вработените во областа на културата. Соопшти дека вчера од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска примил допис со кој му биле доставени решенијата за утврдување на репрезентативноста во културата.

-Репрезентативноста на СКРМ е резултат на огромен ентузијазам и четиригодишни напори да се променат состојбите во културата. Дејствуваме волонтерски и поминавме секакви притисоци, опструкции и потценувања. СКРМ во моментот брои околу 1000 членови, има 33 синдикални организации на ниво на институции и е единствен репрезентативен синдикат во културата, соопшти СКРМ.

Наведува дека нивните активности  во изминатиот период резултирале со изработка на нов Закон за остварување на јавен интерес во културата и финансиска валоризација на стручните звања кај вработените во дејноста на заштитата на културното наследство, музејската, библиотечната и кинотечната дејност. Остварени се и преговори и изработка на нов Колективен договор во културата и се обезбедени средства во Буџетот за 2019 година за порамнување на платите во различните дејности на културата.

-Непостоењето репрезентативен синдикат во културата во изминатите 10 години резултираше со тотален хаос во социјалните односи и газење на правата на вработените. Колективен договор не постои веќе 14 години, а и тој што бил потпишан во 2005 година меѓу СОНК и Министерството за култура не е никогаш спроведен, наведува СКРМ.