Синдикатот за транспорт и врски при Конфедерацијата на слободни синдикати денеска преку соопштение изрази незадоволство од работата на некои синдикати и институции во државата.

Од Синдикатот реагираат на работата на Сојузот на синдикати на Македонија за потпишувањето спогодби за исплата на К-15 во јавните претпријатија, укажувајќи дека спогодбите се потпишуваат за исплата на 3.000 денари за една година, а согласно колективните договори на работниците им следуваат по 24 илјади денари.

– Спогодбите се потпишуваат за три години наназад, а согласно колективните договори на работниците им следуваат по 24,000 денари, но очигледно е дека и тие спогодби се ништовни и не произведуваат правно дејство затоа што ретроактивно не може тоа да се направи, велат од Синдикатот за транспорт и врски при КСС.

Синдикатот реагира и за отказот што го доби вработениот од „Комунална хигиена“ откако во јавноста излезе снимка како собраниот смет го фрла во реката Вардар. Според Синдикатот, прво треба да се изречат дисциплински мерки против работникот, а не веднаш да се дава отказ од работа.

Синдикатот за транспорт и врски при КСС не се согласува ниту со покачување на цената за патарини бидејќи според нив тоа би значело поскап транспорт и зголемување на цените на многу производи што им се неопходни на граѓаните