Во Сингапур денеска беше обесен третиот осуденик поради трговија со дрога за две недели. Централното биро за наркотици објави дека Мохамед Салех Абдул Латиф, 39-годишен Сингапурец, бил погубен во затворот Чанги во Сингапур.

Тој бил осуден на смрт за снабдување со 54 грама хероин, „доволно за да ја задоволи зависноста на околу 640 корисници неделно, се наведува во соопштение кое го пренесуваат светските агенции.

Салех работел како доставувач пред да биде уапсен во 2016 година. Тој беше осуден во 2019 година, а неговата жалба беше отфрлена минатата година. Тој на судењето тврдеше дека верувал дека доставува шверцувани цигари за пријател на кој му должи пари и дека не ја проверил содржината на торбата бидејќи му верувал на пријателот. Судија на Високиот суд одлучи дека нивната врска не била доволно блиска за да ја оправда довербата што тој тврдеше дека ја има.

Иако судот утврдил дека тој е само курир, му била изречена задолжителна смртна казна бидејќи обвинителите не издале потврда дека соработувал со нив, се додава во соопштението. Сингапурските закони наложуваат смртна казна за секој кој е осуден за трговија со повеќе од 500 грама канабис и 15 грама хероин. Салех беше петтото погубено лице оваа година и 16-то погубено за дело поврзано со дрога, откако Сингапур ги обнови егзекуциите со бесење во март 2022 година, по пауза од две години поради пандемијата со Ковид-19.

Минатата недела беа егзекутирани уште двајца граѓани, Саридеви Џамани (45), која во петокот беше првата жена обесена по 19 години, поради трговија со околу 31 грам хероин и Мохамад Азиз Хусаин (56) за трговија со околу 50 грама хероин. Групите за човекови права, меѓународните активисти и Обединетите нации го повикаа Сингапур да ги запре егзекуциите за кривични дела поврзани со наркотици, истакнувајќи дека тоа е неефикасно како средство за одвратување. Сингапурските власти инсистираат на тоа дека смртната казна е важна за да се запре побарувачката и понудата на дрога.