Соединетите Американски Држави и Ирак синоќа во Багдад ја одржаа првата седница на разговори за ставање крај на коалицијата за борба против таканаречената Исламска држава.
Во соопштението објавено од коалицијата предводена од САД се наведува дека работните групи составени од официјални лица од двете земји ќе ја проценат заканата од милитантната организација и дека висока воена комисија ќе работи на утврдување на условите за транзиција на мисијата во Ирак.
САД се во Ирак од 2003 година, по што американските борбени сили ја напуштија земјата во 2011 година, но се вратија во 2014 година за да и помогнат на ирачката влада во борбата против терористичката т.н. Исламска држава.
Откако нејзините милитанти ја загубија контролата врз територијата што некогаш ја држеа, ирачките власти периодично повикуваа на повлекување на коалициските сили, потсетува РСЕ.
Багдад особено инсистираше на тоа по американскиот воздушен напад во јануари 2020 година, во кој иранскиот генерал Касем Сулејмани и водачот на ирачката милиција Абу Махди ал-Мухандис беа убиени пред аеродромот во главниот град на Ирак.
Прашањето повторно се отвори откако Израел започна воена офанзива во Појасот Газа по нападот на Хамас врз земјата на 7 октомври.
Од средината на октомври, милиција поддржана од Иран, која себеси се нарекува Исламски отпор во Ирак, често ги напаѓа американските сили во Ирак и Сирија поради поддршката на Вашингтон за Израел во војната во Газа.
Се проценува дека имало повеќе од 150 ракетни и беспилотни напади врз 2.500 американски војници и нивните бази, во кои биле ранети десетици членови на американската мисија во Ирак.
Американските сили возвратија со напади врз милициите, вклучително и некои шиитски паравоени групи кои официјално се под контрола на ирачката армија, по што Багдад оцени дека тоа е нарушување на суверенитетот на Ирак.
Организацијата Исламски отпор во Ирак најави дека ќе продолжи со нападите врз американските сили во таа земја и го оцени навестувањето за повлекување на САД од коалицијата како „доказ дека Американците го разбираат само јазикот на силата“.
Американските власти неодамна изјавија дека разговорите за завршување на коалициската мисија биле во тек уште пред 7 октомври и дека одлуката не е поврзана со нападите.
фото: архива