САД распоредија пунктови за набљудување долж сириско-турската граница, и покрај повикот на Анкара да се откажат од таа намера.

– По наредба на министерот за одбрана, Матис, САД распоредија позиции за надзор во североисточниот пограничен регион на Сирија, во интерес на безбедноста на Турција, наш сојузник во НАТО, изјави портпаролот на Пентагон, Роб Менинг.

Кон крајот на минатиот месец, американскиот министер за одбрана Џејмс Матис соопшти дека САД планираат да распоредат неколку пунктови за набљудување на сириско-турската граница. Како што јави тогаш весникот „Дејли Сабах“, Вашингтон го презема тој чекор во врска со загриженоста на Анкара за присуството во областа на курдски одреди на Силите за заштита на народот, кои Турција ги смета за сириски клон на забранетата Курдска работничка партија (ПКК).

Кусо потоа, турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека одлуката на САД да распоредат пунктови за набљудување во северна Сирија „ќе ја усложни ситуацијата во една и онака сложена област“. Минатата недела на средба со специјалниот претставник на САД за Сирија Џејмс Џефри Акар го повика Вашингтон да се откаже од распоредувањето на пунктови за набљудување.