Косовскиот премиер Рамуш Харадинај утрово телефонски разговарал со извршниот директор на американската Корпорација на милениумскиот предизвик (МЦЦ), Џонатан Неш, кој го известил дека Бордот на оваа сојузна агенција, на чие чело е државниот секретар Мајк Помпео, одлучил да склучи со Косово компактен договор, јави МИА од Приштина.

– Штотуку ми телефонира извршниот директор на американската сојузна агенција – Корпорација на милениумскиот предизвик, Џонатан Неш, за да ми ја пренесе извонредната вест дека Бордот на Корпорацијата на милениумскиот предизвик, на чие чело е државниот секретар Мајк Помпео, одлучил да склучи Компактен договор со Косово. Со ова Косово се квалификува да добие уште дополнителни десетици милиони долари за стратешки инфраструктурни инвестиции, посебно во енергетскиот сектор. Овој грант се надоврзува на досегашниот од 49 милиони долари потпишан со претходниот договор, напиша Харадинај на Фејсбук.

Косовскиот премиер му се заблагодарил на Неш и изразил „почит и благодарност кон државниот секретар Помпео, другите членови на Бордоти посебно пријателите во Конгресот, вклучително Елиот Енгел, кои го помогнаа Косово овие години во комуникацијата со МЦЦ“.

– 2018 година се круниса со светите бои на американското знаме и благословеното сојузништво на Косово со САД, напиша Харадинај.