Пишува: Блаже Миневски
Според доктор Теодор Гилберт Морел, личен лекар на Хитлер, последните десеттина дена во бункерот во Берлин, дваесет и три години помладата Ева Браун речиси постојано од него барала ’средства за стимулација на потенцијата на Хитлер’! Додека Русите жестоко го бомбардирале градот, Ева и Хитлер се обидувале да водат љубов!? Фирерот имал многу жени со кои бил близок кратко или само за една ноќ, но само две од нив му останале ’засекогаш во срцето’: Ева Браун и Гели Раубал, неговата внука до сестра.
„Никогаш никогаш не сум спиела со Хитлер!“
Преубавата снаа на Рихард Вагнер, Винифред Вагнер, била прва позната жена што подлегнала на моќта на убедување на Хитлер, обезбедувајќи му репрезентативно друштво во Минхен. И за таа ’услуга’ тој ѝ бил искрено, вистински благодарен, иако во еден момент двајцата поверувале дека меѓу нив можеби се случува нешто што би можело да се нарече ’љубов на нивниот живот’.
Во почетокот на триесттите години на минатиот век кружеле гласини за некаква наводна нивна свадба а веќе не можеле да се кријат ни честите посети и упорни додворувања на Хитлер. Дел од неговите соработници сметале дека, ако одлучи да се жени, Винифред Вагнер сигурно би била негова избраничка. Нејзините четири деца го ословувале со „чичко Волф“ а тој често преноќувал кај нив. Сепак, патот до брак, според Гвидо Кноп, останал неизоден. Граѓанската свадба би наштетила на претствата која Хитлер ја создавал за себе.
Сметал дека само како неоженет, аскетски народен трибун може да ги персонифицира надежите и желбите на гласачите. Освен тоа, сопругаот на Винифред, кој починал во 1930 година, со тестамент забранил да се премажува доколку сака да биде на чело на Вагнеровиот фестивал во Бајројт: „Не треба да ме прашувате, со Хитлер никогаш не сум спиела“, изјавила Винифред на сослушувањето пред еден американски офицер во 1945 година.
Ева Браун
Двајцата биле огнени обожувачи на Вагнер, и од содржината на неговите дела ги обликувале своите погледи на светот. Инаку, таа се омажила за Зигфрид, синот на композиторот, кога имала 18 а тој 46 години. И покрај хомосексуалните склоности на сопругот, сепак успеала на семејството Вагнер да му подари четири деца. Но, се разбира, не била среќна во бракот: „Зигфрид е така млитав“, му се жалела на Гебелс, велејќи дека дури со Хитлер и неговата партија нејзиниот живот добил содржина.
Станала член на партијата а на Хитлер, по неуспешниот пуч во 1923 година, во затворот му праќала хартија на која тој наводно ја напишал книгата ’Мајн Кампф’. По излегувањето од затворот, врската станала уште поцврста, па, седејќи до својот идол во отворениот „мерцедес“, Винифред не пропуштила ниту еден од партиските собири во Баварија. Со премолчена согласност на Зигфрид, додека бил жив, се разбира, продолжила да се среќава со Хитлер на разни места, а понкеогаш и во планинската гостилница во близина на Бајројт. Хитлер и Винифред Вагнер за последен пат биле видени заедно во јавноста во 1940 година.
„Може ли љубовта на биде грев?“
Швеѓанката Зара Леандер била најголема ѕвезда на Третиот рајх. Нејзината моќ бил нејзиниот глас: еротски контраалт со специфично ’р’ од кое се ежи кожата! Прекрасната црвенокоса оперска певица Зара Штина Недберг својата блескава кариера ја започнала на шведските оперски сцени, а германскиот филм ја ’открил’ дури во 1936 година. Имено, кога Марлен Дитрих го напуштила филмот, Зара посакала да стане нова филмска ѕвезда. Според Гвидо Кноп, германски новинар и публицист, нејзините песни често биле ласцивни и безобразни уште во насловот како, на пример, ’Зошто жената не смее да има љубовник’ или ’Може ли љубовта на биде грев?’
Пеела на добротворните концерти, настапувала пред ранетите а по „Големата љубов“, нејзиниот најуспешен филм снимен 1942 година, од вамп-жена се претворила во ’вистинска војничка невеста’. Сепак, таа била нешто повеќе од локомотива на пропагандата – нејзините песни погодувале во самиот нерв на времето.
Еден затвореник од концлогор посведочил дека нејзиниот шлагер со наслов ’Поради тоа нема да пропадне светот’ постојано му носел утеха за време на логорскиот живот. Самиот Хитлер лично, насамо, како што тврди таа, го сретнала само еднаш, иако кај Гебелс, се разбира, била чест гостин: „Гебелс беше еден многу паметен човек“, рекла за него по војната. Сепак, кога Управата за филм, која била под контрола на Гебелс, почнала да и прави проблеми околу исплатата на хонорарите, кога бомбите ја разориле нејзината луксузна берлинска вила, и кога Гебелс побарал од неа да земе германско државјанство, Зара ги спакувала куферите и заминала.
Всушност веќе и било јасно дека врвот на кариерата е зад неа а режимот на кој му го должела својот успех бил пред пропаст. Додека нацистите ја критикувале, нејзината татковина ладно го примила нејзиното враќање, иако се до крајот на 1944 година Кралството Шведска го менувала германското украдено злато за девизи, а шведските младиници со задоволство пристапувале во СС-единиците или се вработувале како чувари во концентрационите логори.
Што се однесува до Гебелс, и неговата сопруга Магда Гебелс, според тврдењето Вилфрид фон Овен, негов личен референт, повремено имала ’извесна блискост’ со Хитлер. Меѓу нив, според истражувањето на Гвидо Кноп, постоела чудна перивлечност. Самиот Гебелс знаел дека Магда го сака Хитлер и дека Хитлер ја сака неа. Според режисерката Лени Рифенштал, која исто така била една од ’жените на Хитлер’, Магда во една прилика и се доверила дека се омажила за Гебелс исклучиво затоа што единствено на тој начин ’можела да биде во близина на Хитлер, зашто таа всушност само него го сака’.
Била убава, русокоса, негувана, привлечна, лубезна и воздржана. Фактот што со Гебелс, кој не го сакала, имала шест деца, од кои пет самата ги отрула во бункерот за да заминат на оној свет заедно со Хитлер, зборува за тоа дека била докрај подредена на нацистичкиот поглед на светот, односно била фанатичен националсоцијалст кој бескрајно верувал во фирерот.
А фирерот за неа имал само пофални зборови, па често останувал сам со неа за да ’зборуваат во четири очи’, како што тврди фон Овен, личниот секретар на Гебелс, ’за разни работи’. Според Аријана Шепард, сестра на Магда Гебелс, таа целиот свој живот му го посветила на Хитлер, правејќи се што би му се допаднало нему. И затоа, само еден ден по неговата смрт во бункерот, Магда Гебелс ги облекла своите деца во снежно бела облека, ги успала со средство за анестезија а потоа на сите, со ред, од дванаестгодишната Хелга до четиригодишната Хајди, им ставила ампула со отров во устата.
Потоа, пред заедно со својот сопруг да завршат на ист начин, се спуштила на најниското ниво во бункерот и таму на една маса наредила пасијанс, можеби за да види што ќе се случи со Германија без нив.
„Не смеам да сакам ниту една жена!“
Меѓудругите таканаречени жени на Хитлер секако е и Лени Рифенштал, балерина во времето кога Германија имала цар. Кога пропаднала Вајмарската република, Лени веќе се бавела со глума. Сепак нејзиниот живот го одредил периодот од 1933 до 1945 година, кога била главен режисер на Третиот рајх. Нејзниот филм ’Триумф на волјата’, посветен на Нинбергшкиот конгрес на партијата на Хитлер отворил соблазнива слика на еден злосторнички режим, давајќи му на диктаторот јавност а на јавноста фирер што се чекал. Нејзините кадри со тој мал, низок човек со смешни мустаќиња, како што вели Гвидо Кноп, направиле од него спасител и семоќен бог.
Лени Рифенштал
Постигнувајќи одреден успех како актерка, Лени Рифенштал во 1928 година одлучува да се обиде како режисер. Многу продуценти го одбиваат нејзиниот проект „Сина светлост“, но таа успева да го сними со свои средства и овој пејзин дебитантски филм доживува голем успех. Филмот во Лондон е прикажуван 14 месеци, во Париз -16, а на Венецијанското биенале добил сребрен медал. Во тоа време таа веќе е воодушевена од Хитлер. Нивната прва средба се случува за време на еден митинг на кој говорел Хитлер во Палата на спортовите. Веднаш потоа му праќа писмо со пофалби кое завршува со тоа дека ’би сакала лично да Ве запознаам’.
Хитлер ја примил во Вилхелмс Хавен на брегот на Северното море. Во своите мемоари Рифенштал пишува дека со Хитлер повторно се сретнала на Бадник 1935 година. Го прашала каде планира да ја помине бадниковата вечер, а тој и одговорил дека ќе ја помине со својот возач: „Ќе се возам бесцелно по улиците и низ разни места се додека не се уморам… Секоја година на Бадник го правам истото. Немам семејство, потполно сум сам“.
Сепак, според Лени, во еден момент Хитлер полека ја пружил раката и ја привлекол кон себе: „Кога забележа дека се поттргнувам веднаш ме пушти, се сврти речиси со грб кон мене, ја крена раката и гласно рече: ’Не смеам да сакам ниту една жена, затоа што уште не сум го довршил своето дело!’ Кога 1938 година доаѓа во Америка, американскиот печат ја дочекува со прашањето дали е вистина дека е љубовница на Хитлер. Филмските ленти што го забележале нејзиниот одговор беа откриени неодамна. Во филмскиот запис таа лично негира дека била љубовница на Хитлер: „Не, не! Тоа се само новинарски измислици“, изјавува пред камерата и, смешкајќи се кокетно, го спушта погледот како да се срами.
Со нејзиниот филм за Олимпијадата на која присуствува и Хитлер, нејзината слава во Германија пораснала до недостижни граници. Бројни репортажи и емисии ја славеле како супреѕвезда а таа умеела да се слика и да се покажува пред јавноста. Филмот доживеал премира на 49-от роденден на Хитлер на 20 април 1938 година, а единаесет години подоцна, во 1949 година, Лени ќе изјави дека никогаш не била интимна со Хитлер и дека не видела ниту еден концентрационен логор.
„ Очајна сум… Потребна сум му само поради одредени работи…“
Мистериозната Ева Браун, девојчето од минхенското предградие, е родена како втора ќерка на учителот Фридрих Браун и шнајдерката Франциска Кронбургер. Првата средбата со Хитлер се случила во 1929 година во фотографскиот дуќан на Кофман каде што таа работела како фотолаборантка. Во дуќанот влегол господин на кого сопственикот му се обратил со господин ’волф’, односно, во превод, ’волк’, псевдоним на Хитлер.
Само неколку дена подоцна, откако Ева дознала за кого се работи, самата се погрижила да дојде до прв состанок, иако таа имала 18 а Хитлер полни 41 години. Господин Волф ја одвел на театар а потоа на вечера. Поради неговата елоквентност морала да врти разни енциклопедии за да сфати за што зборувал ’господинот Волк’ претходната вечер.
Потоа прошетките и излетите во природа ги замениле со посета на кафеани или попладневни разговори во дискретни ресторани. Сепак до 1931 година нивната врска се уште се движела во рамките на платонска љубов, односно Ева Браун дури во 1932 годиина во станот на ’Принц-регент плац’ станала вистинска љубовница на Хитлер. Тој имал четириесет и четири, а таа дваесет и една година!
По нивниот прв интимен состанок, Хитлер цели три месеци одбегнувал да се види со неа. и тогаш Ева одлучува да се самоубие, пишува проштално писмо а потоа од пиштолот на татко си си стрела во градите. Сестра и ја затекнува ранета, облиеана во крв. Но, Ева останува жива. И порано жените на Хитлер се обидувале да се самоубијат. Една од нив успеала во тоа, па за малку не дошло и до голем скандал. Хитлер не можел да дозволи уште еден скандал за кратко време:
„Во иднина ќе морам подобро да се грижам за неа, да внимавам повторно да не се обиде да ја направи истата глупост“. Подоцна, станувајќи канцелар, се преселува во Берлин, но Ева мора да остане во Минхен. Била поканета на неколку свечености, како гостин во свечената ложа, но и тоа не можело да остане незабележано од Магда Гебелс.
Како и да е, на 11 март 1935 година, Ева Браун ќе забележи во својот дневник: „Очајна сум…Потребна сум му само поради одредени работи…“ И, се разбира тоа не е единствен доказ дека имале тајни, интимни средби. Во меѓувреме тој ретко доаѓал во Минхен а Рајхканцеларијата во Берлин за Ева Браун и натаму била затворена. Сепак, како замена за Берлин, Хитлер за неа направил интимна резиденција во Бергхоф кај Берхтесгаден. Во 1936 година Хитлер ја довел Ева во вилата, каде што таа станува составен дел на тој затворен, луксузен свет. Само најблиските соработници на Хитлер знаеле која е всушност Ева Браун, иако формално се водела како секретарка со плата од 450 рајхсмарки.
Своите костими ги нарачувала во најдобрите салони во Берлин и Париз, а чевлите понекогаш лично ги купувала кај Фергам во Фиренца. Понекогаш се пресоблекувала по седум пати на ден. Нејзината лична фризерка постојано се грижела за изгледот на нејзината коса но, за жал, многу ретко добивала прилика да се покаже во јавноста.По наредба на Хитлер не ја канеле на официјални приеми, а за време на важни посети морала да остане во својата соба. Минхентската собарка на Ева Браун, Маргарета Мителштрасер, тврди дека знаела дури и за најинтимните моменти на Ева Браин со Хитлер:
„Кога тој сакаше да водат љубов а таа имаше месечен циклус, бараше од лекарот таблети за негово прекинување. Таблетите главно и ги носев јас…“
Мошне интересно е и тврдењето на доктор Морел, личниот лекар на Хитлер, кој по војната, пред една американска истражна комисија, изјавил дека ’во последните воени денови Ева Бран често од него барала средство за стимулација на потенцијата на Хитлер’, додавајќи дека ’половата способност на канцеларот драстично била намалена за време на бомбардирањето на Берлин’.
Според изјавата на доктор Морел излегува дека Ева и Адолф веројатно се обидувале да водат љубов и дента кога Црвената армија била на Потсдамскиот плоштад, кога зоолошката градина веќе била заземена, а трупите на Сталин веќе биле на само неколку метри од Рајхканцеларијата.
Како што е познато Ева Браун во 15.15 часот на 30 април 1945 година го испила својот отров и за неколку минути веќе била мртва. Хитлер во 15.30 ја ставил ампулата во устата и си пукал во главата. Телата потоа се спалени во близина на еден од излезите на бункерот, во градината на Рајхканцеларијата. Потоа, еден месец подоцна, во почетокот на јуни 1945 година, телата на Хитлер, на Ева Браун и на семејството на Гебелс, заедно со Магда Гебелс, се разбира, биле закопани во некаква шума, седумдесет километри западно од Берлин, но на 21 февруари 1946 година биле префрлени на територијата на советскиот воен логор во източногерманскиот град Магденбург.Дваесет и четири години подоцна, шефот на КГБ, Јуриј Андропов, потпишува документ за потполно уништување на сите посмртни останки. Уништувањето е извршено на 4 април 1974 година во градот Шенебек, единаесет километри од Магденбург. Сето она што останало било смелено заедно со остатоците од јагленот и фрлено во реката Бидериц, заедно со љубовната приказна за Ева и Адолф, човекот со ’смешни мустаќиња’ и фризура наречена ’безнадежен случај’, како што вели во своите мемоари Зара Леандер, една од жените од тајниот љубовен список на Хитлер.
Прашање на Зара Леандер до Хитлер:
„Дали некогаш воопшто сте се обиделе да направите нешто со вашата коса?“
Зара Леандер
Според мемоарите на Зара Леандер, на еден свечен прием во Берлин до неа дискретно пришол некој од аѓутантите на Хитлер: „Милостива госпоѓо, фирерот и канцелар на Рајхот би сакал да се придружите на неговата маса.“ Веднаш тргнав по аѓутантот, – пишува Зара. – Хитлер учтиво се поздрави а јас со насмевка го прашав: „Господине Рајхканцелару, дали некогаш воопшто сте се обиделе да направите нешто со вашата коса?“ Хитлер одеднаш се тргна, погледна околу себе и се сврти кон мене. Кога виде дека делувам сосема пријателски и сочувствено, плашливо се насмевна и сосема сериозно ми рече: ’Не можете ни да претпоставите што се не сум пробал да направам со неа! Пробав со масло, помада, восок за коса, и со сите возможни тинктури. Сепак ништо не ми помогна. Косата секогаш ми паѓа на челото. Тоа е просто безнадежен случај!’
Според доктор Морел:
Фирерот во бункерот пиел по 28 апчиња дневно!?
Доктор Теодор Гилберт Морел, личниот лекар на Хитлер, бил член на Нацистичката партија од 1933 година, а со Хитлер се запознал на забава во резиденцијата во Берхтесгаден. Во тоа време блиски луѓе на фирерот тврделе дека тој има одредени, комбинирани симптоми на сифилис и на Паркинсонова болест. Самиот Морел, кој имал репутација на одличен лекар од областа на борбата против сифилисот, гарантирал дека може да го излечи за една година. Хитлер прифатил а доктор Морел ја започнал терапијата со користење на разни лекови, но и на хидрилизирана бактерија ешерихија коли.
На почетокот изгледало дека терапијата делува па Морел станал дел од блискиот круг пријатели на фирерот, кој, патем, бескрајно се плашел дури и од можноста да има сифилис, сметајќи дека сифилисот е болест поврзувана со Евреите. Кога имал проблеми со подвижноста, Морел му вбризгувал инјекција составена од мешавина на вода и течност што тој ја нарекувал Витамултин.
По користењето на лекот, Хитлер се чувствувал подобро и посвежо. Подоцна било утврдено дека во ’лекот’ има метамфетамин, односно нешто како дрога. Во секој случај, во април 1945 година, Хитлер пиел по 28 различни апчиња дневно, меѓу кои и оние за успешно обавување на ’одредени работи’. Хитлер го исфрлил својот лекар од бункерот на 22 април 1945 година, тврдејќи дека веќе не му е потребна никаква медицинска помош, но доктор Морел во бункерот сепак оставил поголема количина лекови и апчиња, меѓу кои и оние што ги барала Ева Браун, апчињата за ’стимулација на потенцијата’!
Хитлер имал односи со ќерката на американскиот амбасадор во Берлин?!
Според истражувачите, Хитлер имал барем десетина жени со кои имал повремени сексуални врски. Како негови љубовници се спомнуваат принцези и актерки, како што се Инга Леј и Маргарета Слезак. Сексуални односи наводно имал и со Марта Дауд, ќерка на американскиот амбасадор, потоа со англиската аристократка леди Јунити Митфорд, која, само неколку часа по избувнувањето на Втората светска војна, се обидела да се самоубие но сепак останала жива, односно умрела неколку години подоцна како последица од ранувањето, потоа со Сузи Липтауер, Рената Милер и уште неколку други жени од Германија и од странство. Сведоштвата потврдуваат дека повеќето од жените со кој бил подоцна изјавувале дека биле ’восхитени и одушевени од неговата личност!’.