Специјалното јавно обвинителство ја извести јавноста дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети што се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои била воспоставена надлежност на ова Јавно обвинителство, денеска е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Тие, како што соопшти СЈО, ќе се гонат поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
СЈО со соопштението што предамалку го лиферуваше наведува дека во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.
Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство.
Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно – правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот, наведува СЈО во соопштението за новата истрага „Империја“.
Извршниот директор на „Орка Холдинг“ Јордан Камчев денеска преку пишано соопштение изјави дека сите негови компании се отворени за соработка со СЈО, како и со сите други државни институции во земјава, во интерес на одржување квалитетна бизнис клима и економски просперитет во земјата.
Тој ја информира јавноста дека како сопственик на повеќе компании во Македонија, кои вработуваат над 3.000 лица, максимално се отворени и транспарентни за секој инспекциски надзор.
– Компаниите во кои сум сопственик, со целосна одговорност изјавувам дека ги почитуваат позитивните законски прописи во Република Македонија и токму поради тоа верувам дека многу брзо ќе се отстрани секаков сомнеж околу нивното работење, стои во соопштението