Е ова е недемократски режим на дело: СДСМ ќе ја менувала независната комисијата за заштита од дискриминација, оти констатирала дека судот го дискриминирал Груевски.
Најавата за смена на независната комисија за заштита од дискриминација од страна на СДСМ е порака на оваа партија до судиите, обвинителите, администрацијата, цариниците, даночниците, инспекторите, синдикатите, коморите, регулаторните тела, па и приватниот сектор, како и други институции, што може да ги снајде ако размислуваат со своја глава, ако одлучуваат според закон и ако работат професионално. Ова е дополнително кршење на и онака веќе скршената на кичмата на судството и на другите независни институции и регулаторни тела.
Да беше сега амбасадор на ЕУ Ерван Фуере и да го направеше ова ВМРО-ДПМНЕ, веќе ќе имаше реакција од Брисел. Но бидејки улогите се променети, СДСМ сега може отворено да им се заканува на независните институции и да ја реализира таа закана, и притоа да нема никаква реакција, а уште помалку последици.
На СДСМ му е дозволено да прави што сака: да менува независни регулаторни тела и државни комисии без критериуми, да бидат најкорумпирана власт досега во Македонија, да апсат и по потреба ослободуваат опозициски пратеници, да го затвораат поранешниот водач на ВМРО-ДПМНЕ без никаква вина и заради лични хирови, да унапредуваат и разрешуваат судии и обвинители незаконски и по партиска заслуга, масовно да ја полнат администрацијата со партиски активисти кои денгубат по цел ден низ владините кабиненти на државна сметка, и уште што ли не.
Зошто?
Затоа што прифатија да го сменат името и идентитетот на Македонија, како што сакаше Грција. Затоа и се донесени на власт, затоа и им се помага, и затоа меѓународната заедница ги остава да прават што сакаат.
Но затоа пак народот реагира и се повеќе се охрабрува да пркоси и да се спротиставува.
Вечер во 19 часот група граѓани организирани преку фејзбук ќе се соберат на мирен граѓански протест против политичкиот прогон на Никола Груевски.
Да потсетиме Државната Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека Никола Груевски бил жртва на директна дискриминација од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска, во процесот „Тенк“ каде што Груевски беше осуден на две годишна казна затвор.
Претставката до Комисијата ја поднел Груевски и се пожалил за дикриминаторски однос од судот и од судијката Кацарска.
Според Комисијата, судот во контроверзна и незаконски експресно водена постапка го осудил Груевски, а за да се донесе таквата пресуда немало валидни докази.
– Се утврдува директна дискриминација врз Никола Груевски од член 6 став 1, а врз основа на личен и општествен статус како поранешен претседател на Влада на Република Македонија и поранешен претседател на политичка партија од член 3 во областа на правосуство и управа со член 4 од законот за спречување и заштита од дискриминација, што како последица имало одземање односно нарушување и ограничување на еднакво признавање на правото на правично судење како основно човеково право од страна на судијата Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 Скопје. Се утврдува директна дискриминација на Никола Груевски од член 6 став 1 врз основа на личен и општествен статус од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација поради поставување во неповолна положба со необезбедување на потребните критериуми за правично судење од страна на Основен суд Скопје 1 Скопје, истакна Комисијата.