Нов скандал ја тресе холандската војска, по тој со војниците кои се озрачиле во воени мисии. Овој пат со сличен проблем, но на домашен терен – локацијата за новите касарни во Флисинген била сериозно контаминирана.

Почвата содржи тешки метали, токсични материи и азбест. Ова е наведено во доверливиот извештај на одбраната до кој дојдоа двајца холандски новинари.

Во документот стои дека хемиски гиганти, рударски компании и производители на алуминиум го депонирале отпадот на тоа место со години. „Зборуваме за планина која е создавана со депонирање отпад во 60’ и 70’ години на место заборавено и од Господ“, објавуваат новинарите.

Екологисти велат дека е опасно дури да се стапне на тоа место, а камоли нешто да се гради, а дополнителна опасност е што на локацијата има неексплодирани бомби од Втората светска војна.

Олово и цијанид, меѓу другите нешта, се откриени на местото од каде е земена земја за анализи во 2012 година, но и поркај тоа маринците од Дорн биле префрлени во Флисинген. Министерството за одбрана и властите на провинцијата Зиланд знаеле за високата загаденост, но за тоа не ги известиле Сенатот, синдикатите ниту, пак, маринците.

Сега треба целата нечистотија да е исчисти, но за тоа се потребни милиони. Информации за скандалот бараат и во парламентот.

„Нешто овде смрди“, напиша на Твитер Керстенс, од Лабуристичката партија и притоа рече дека сака да знае со каква опасност биле соочени маринците, „и да кажеме што за ова мисли организацијата која со знаење дозволила некој да работи на опасно место, да речеме со хром, цели шест години“.