За многумина безнадежно место од каде треба да се бега што подалеку, струшкото село Луково за велешанката Елена Весова Колоска е место за мир и позитивни вредности. Како дипломиран професор по латински јазик, која живеела и работела во Скопје, не сакајќи животот да и се сведе на повторувачко и монотоно урбано битисување, со сопругот, кој е по потекло од Луково, одлучиле да го променат начинот на живот и да и се вратат на природата и традицијата. Ужива во бенефитите на природата, прави производи од билки, а својата креативност и енергија ја користи и во рачни изработки, преку кои обезбедува и егзистенција.
За неа среќата зависи од многу мали и едноставни нешта што секојдневно не опкружуваат, нгласувајќи дека мудрите луѓе наоѓаат време и место за да се среќни и во баланс со себе.
– Секој човек секојдневно треба да се запрашува дали навистина е среќен и најважното, од што му зависи среќата. Кога јас и моето семејство почнавме да си го поставуваме ова прашање, сфативме дека нашата среќа зависи од безброј наметнати, банални, непотребни и скапи работи, кои само ни го усложнуваа и отежнуваа животот. Со доаѓањето во Луково почнавме да согледуваме дека среќата ни зависи од многу мали, прости и едноставни нешта што секојдневно не опкружуваат, дека животот ни станува се поразноличен, секој миг е уникатен и непредвидлив како и целата природа околу нас, вели таа.
Одлуката за живот во планинско село тешка, но правилна
Одлуката за целосна промена на начинот на живот, вели не се случила преку ноќ, туку фамилијарно размислувале, разговарале и работеле на реализирање на желбата. И, нагласува дека не погрешиле. Луково е планинско село, 26 километри оддалечено од Струга, се наоѓа во областа Дримкол, а некои куќи се издигаат на надморска височина од 1.000 метри.
– Свесни бевме дека темпото на живот што го наметнуваше градот не нè носеше во позитивна насока, туку напротив, нè оттргнуваше од базичното, од она што навистина го сакавме и нè правеше среќни и исполнети, вели Елена.
За неа животот на село е многу поедноставен од оној во градот, многу интересен и исполнет, затоа што правиш тоа што го љубиш, а не тоа што мораш.
– И покрај тоа што во Скопје работев нешто кое ме исполнуваше и го сакав, 15 години бев дел од образовниот систем, најголем дел како професор по латински јазик во гимназијата „Зеф Љуш Марку”, сепак желбата за мирен, спокоен и едноставен живот во согласност со природата беше посилна од сè, а со тоа и чекорот, што го направивме пред осум години, кон подобро утре не беше воопшто тежок, нагласи Весова Колоска.
Луково ме освои на прв поглед
Мирот и едноставниот начин на живот што го нуди Луково, било токму она што Елена со семејството го имале замислено за нивната иднина.
– Ја имам таа среќа да бидам со човек, кој по потекло е од Луково, кој има наследено имот од своите претци и заедно уште додека нашите деца беа бебиња, а тоа е речиси пред 20 години, секоја година ја посетувавме Струга. Го посетувавме и Луково кое најмногу нè пленеше со својот мир и едноставен начин на живот кој нудеше можности за сето она што ние го имавме замислено за нашата иднина. Свесно се втурнавме во предизвиците и ризиците кои ги носеше промената, истакна Елена.
За неа Луково било љубов на прв поглед. Па затоа, и изборот за тоа каде ќе го продолжат животниот пат не им претставувал проблем.
– Луково е село кое освојува на прв поглед, пред сѐ поради неговата местоположба, сместено во прегратките на долнодримколската клисура на реката Дрим, во кое сè уште може да се видат стари македонски куќи изградени од камен, дрво и кал растурени на магични планински ридови и врвови наросени со „јунски“ снег, накитени со исконска густа шума, со безброј извори, потоци и реки кои даваат смирение на душата и телото, мирен живот исполнет со искуства и бескрајни можности за човекова самореализација во секое поле на вистинскиот живот, со воодушевување раскажува нашата соговорничка.
Се будам со билките на Јабланица
Магијата на природата и претстојот во природа за Елена е бесценето. Кога спие и мирува природата вели дека тихува и таа, собирајќи енергија за мигот кога ливадите ќе ги покажат своите убавини и шумите ќе ги раззеленат своите лисја. Со радост и одморена душа, нагласи дека се буди нејзината желба за творба и реализација на сето тоа што новиот циклус го нуди.
– Кога ќе се појават првите билки ме повикуваат да се подготвам за неисцрпната палета на природата со сите свои мириси и бои кои пленат, носат возбуда и порив за нови и уникатни искуства. Секоја билка е посебна на свој начин со својата магија, па тоа ми претставува и предизвик и инспирација за сè тоа што правам. Посебна радост и задоволство ми предизвикуваат прошетките низ сите тие шумски патеки и ливади кои изобилуваат со различни билки корисни за нега на душа и тело, радосно зборува Елена.
Љубовта кон природата преточена во рачни изработки
Љубовта кон природата нашата соговорничка ја инспирирала да ги користи и нејзините бенефити. Прави креми, ликери, масла од билки. За нивното производство се едуцирала, истражувала и постојано се надградува со помош на интернетот и специјализирани книги.
– Природата ми е вечна инспирација и паралелно со мојата претходна вокација отсекогаш покажував голем интерес и љубов кон растенијата и животинскиот свет. Благодарение на интернетот, книгите, секојдневното учење, истражување и интеракција со билките, успеав да се самонадградам во сознанијата за бенефитите и лековитите својства на сите билки што ме опкружуваат и преку кои успеав пред сè да го подобрам моето духовно, ментално и физичко здравје и да бидам сигурна дека сето тоа што мајката природа безусловно ми го дава, ми донесе поквалитетен и посреќен живот. Преселбата во Луково ме научи дека човек во себе секогаш носи скриени пасии и способности, преку кои може животот да си го направи поубав и посреќен исполнет со нови искуства и можности за нов напредок и почеток, од љубов за љубов, рече Васова Колоска.
Покрај производите што ги дава природата, слободното време го поминува во плетење со една игла. Нешто што дополнително ја исполнува и смирува.
– Изработувам разноразни плетени производи од памучна волница и откако живеам на овој начин совршено можам да ги усогласам и остварам сите планови што креативниот свет ми ги нуди како неисцрпен простор на идеи. Задоволна сум и од покажаниот интерес за моите производи, пред сè, во согласност со времето кое го имам на располагање и правењето повеќе работи во текот на денот, како грижата за мојот дом, за цветната градина, за овошките, за производството на сопствена храна и за многу други работи што ги носи секојдневието, вели Елена.
Слаѓана Стојкова Костоски
Фото: Архива на Елена Весова Колоска