„НАТО атлетска трка“ во организација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, заедно со Атлетската федерација, Агенцијата за млади и спорт и Евроатлантскиот Совет денеска ќе се одржи на кејот на Вардар во Скопје во рамките на одбележувањето на Неделата на НАТО.
За трката се пријавени 260 учесници, меѓу кои претставници на воено-дипломатските претставништва во државата, вработени во Министерството и припадници на Армијата, како и граѓани.
Натпреварувачите ќе трчаат на патеката во должина од пет километри за мажи и три километри за жени, а најдобрите учесници во машка и женска конкуренција ќе бидат наградени со учество на меѓународен маратон надвор од државата.
На отворањето на трката на Воениот стадион во Градскиот парк ќе учествува министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на генералштабот на АРМ Васко Ѓурчиновски, шефот на НАТО канцеларијата за врски Зоран Јанковиќ и амбасадорот Семуел Жбогар.