Во фокусот на вниманието на домашната јавност се наметна Специјалното јавно обвинителство и неговата судбина. Сосема е јасно дека за натамошно опстојување на СЈО се неопходни гласовите на две третини од пратениците. Позицијата ги нема потребните гласови. И некако како по навика, надвор од демократските институци се договараат претставници на најголемите политички партии, кои впрочем и ја донесоа државата на ова ниво – за се да се преговара зад затворени врати, со политички уцени и пазарења, убедувајќи ја јавноста дека тоа е врв на демократските процеси (само) кај нас.
Практика стана во нашето секојдневие, наместо запршка, во договорите свое “почесно” место да има и меѓународниот фактор, особено Европската комисија, која сега порачува дека ако не му се најде место на СЈО во правниот поредок, може да се доведе во прашање и добивањето на датум за преговори на Република Македонија за полноправно членство во унијата.
Но каква е таа порака, што значи и што се’ е содржано во неа?!
СЈО беше новина во нашиот правен и судски систем, која ниту пред четири години, ниту пак денес е дел од уставно правниот поредок на земјата. СЈО е Пржински вонматеричен плод кој го договараа четворица лидери на политички партии со сестрана подршка на претставници на Европската Унија и амбасадорот на САД во Република Македонија. Циркусот да биде поголем, двајца од лидерите кои го договараа СЈО, во тоа време беа со обвиненија и беа редовни клиенти на судската власт, така што тие требаше да си договорат заеднички обвинител.
Факт е дека правосудниот систем во земјата, со децении наназад е нефункционален, корумпиран и целосно зависен од извршната власт што во своите извештаи на два пати го констатираше и д-р Рајнхард Прибе, експерт на Европската комисија. Препораката од извештаите беше да се формира Специјално јавно обвинителство со мандат од четири години да ги истражува кривичните дела што произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори.
Едноставно кажано, СЈО имаше задача да го бајпасира постојниот нефункционален и без животен правосуден систем, со обврска властите во тој рок од четири години да спроведат сериозни реформи кои ќе го реанимират и стават во редовна функција, онака како што Уставот и правниот поредок предвидуваат.
Ете и тоа се случи, Собранието донесе Закон за СЈО, со кој беше дефиниран неговиот мандат. Уставниот суд ги одмолча покренатите иницијативи за оценка на уставноста на СЈО, така што пред скоро четири години тоа започна да работи со полн капацитет.
Сепак, што всушност добивме со СЈО?! Добивме Обвинителство кое започна да води истраги против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но не и против челниците на ДУИ, кои во заедничкото децениско владеење беа заедно, како во добрите резултати, така и во лошите случувања, вклучително и во криминалот што СЈО требаше низ легитимна постапка да го докаже. Натаму, добивме Обвинителство кое на своите прес конференции правеше театар – лево ќоше, објаснувајќи ги и детализирајќи ги на јавна сцена сите покренати истражни постапки, што е спротивно на секоја светска обвинителска практика. Во настапите на обвинителките од СЈО имаше толку многу театар и толку многу дотогаш невидено, што од една страна предизвикуваше смеа, “воодушевување” и “очараност” во јавноста, а од друга воопшто не се водеше сметка за презумпцијата на невиност. И сето тоа со буџет несразмерно поголем од оној на редовните обвинителства.
Инаку секому му е јасно дека нелегално снимените разговори не можат да бидат и не се доказ во кривичната постапка, особено не ако слушнатото од снимките не се поткрепи со други материјални и не материјални докази. Оттука и впечатокот дека целта на објавувањето на снимените разговори имаа за цел лична и политичка дискредитација на снимените лица чии глас се слуша на снимките. Таа цел СЈО мајсторски ја постигна.
Денес, после скоро четири години од работата на СЈО, довербата кај граѓаните во него драстично е опадната, тие што беа “очарани”, сега се разочарани, бидејќи очекувањата им беа големи, очекуваа праведен и не селективен пристап, но очигледно челниците на ДУИ, заради учеството во актуелната владина коалиција останаа недопирливи. Ништо не излезе и од силните ветувања дека СЈО ќе ги врати “украдените” пари во земјата, до денар!
Сега се инсистира на тоа СЈО да се смести во правниот поредок во состав на редовното Обвинителство против организиран криминал и корупција, со посебен статус и буџет, со мандат да го гони криминалот на избраните и именувани функционери?! На сето згора како награда за “сработеното” Јанева и натаму би останала шеф на тоа обвинителство.
Невидена ступидност, ајде тогаш да направиме и СЈО за гонење на цариници; СЈО за гонење полицајци; СЈО за гонење административни работници… а за шефови да поставиме некои анонимни ликови кои со ништо не ја заслужуваат, ниту оправдуваат својата позиција.
Во таков случај што би работеле Основните јавни обвинителства, што би работеле Вишите јавни обвинителства, што би работело Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција?!
Кој до сега им бранел да гонат функционери, автомеханичари и продавачи – НИКОЈ, пред законот треба сите да бидеме исти, се разбира освен функционерите што се на власт, како сега ДУИ, едноставно недопирливи, а вплеткани во бројни сомнителни тендери, арно ама се позиција, па нека се осмели некој од СЈО да покрене постапка против актуелен функционер од владината коалиција. Во персоналниот состав на СЈО, нема таков, се уште не се родил и чуму сега покрај постојните, множење на кое какви обвинителства, од кои ќар ќе има само актуелната позиција.
Во цела приказна околу донесувањето на нов Закон за Јавното обвинителство во кое вонматеричниот плод треба да се роди како регуларно новороденче, со јасни пораки се вмешаа Европската комисија и Амбасатата на САД во Република Македонија. Имено тие не само што ја подржуваат идејата СЈО да продолжи со работа, туку инсистираат тоа да најде свое место во правосудниот систем.
Власта, без срам од граѓаните, а и од самата себе, како силна аргументација за сместување на СЈО во рамките на постојниот правен поредок преку изгласување на нов Закон за Јавно обвинителство, го апострофира ставот на меѓународниот фактор.
Велам без срам и од самата себе, бидејќи инсистирањето на Европа и Америка, не значи ништо друго, освен сериозен укор за незавршена домашна задача во изминативе четири години и неуспех да се ревитализира или реанимира регуларниот правосуден систем во земјава.
Само за потсетување, двајца претседатели на владиното тело за реформи во правосудниот систем професорите Калајџиев и Најчевска си поднесоа отставки со образложение дека одбиваат да бидат маша во рацете на извршната власт за глумење реформи. Така, на чело на тоа тело за реформи на правосудниот систем, се само именува никој друг туку лично премиерот Зоран Заев. Веројатно сакајќи да покаже решеност конечно да се справи со проблемите во правосудниот систем, но наместо тоа, Република Македонија доби порака да се продолжи мандатот на СЈО или да му се најде место во правниот поредок на земјава затоа што во тој сектор нема апсолутно никаков прогрес.
Тоа значи дека Република Македонија целосно потфрлила во реформите на правосудниот систем, без изгледи во догледно време нешто да се коригира во него, нешто како нулата за економскиот тим во Владата. Едноставно, барањето СЈО на каков било начин да се вдоми во правосудниот систем не може да се толкува поинаку.
Редно е еднаш за секогаш властелините во Република Македонија да ја научат лекцијата дека без средување на сопственото буниште, без елиминирање на смрдеата од за’рѓаниот правен и правосуден систем, без конечно одвојување на извршната од законодавната и особено судската власт, без расчистување со корупцијата и организираниот криминал, без функционално и ефикасно владеење на правото нема правна сигурност за македонските граѓани, нема правна сигурност за странските инвеститори, нема ниту датум за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.
Смрдеата како граѓани ја чувствуваме сите, таа се чувствува и во Брисел и во Вашингтон, но нашите властелини никако да ја препознаат… и тоа само од една единствена причина – таа смрдеа е нивна, затоа ним не им пречи, напротив, дополнително ги прави самобендисани.
За самиот крај, Република Македонија има правосуден систем, кој не може да крене глава и да ги извршува своите функции заради длабоката партизација, заради отсуството на интегритет кај еден дел од вработените во судската власт, а особено заради преголемите амбиции на некои луѓе од извршната власт кои (амбициите) им ги надминуваат етичкиот, човечкиот, интелектуалниот и пред се стручниот потенцијал.
Затоа, пораката – наместо да си играме османлиска кадровска и персонална политика, наместо некои да влегуваат во султанови чизми, редно е веќе еднаш за секогаш да се потпреме и повикаме на владеење на правото, на право втемелено на Уставот и законите на Република Македонија, да го почитуваме правниот поредок на земјата и да сториме се да го ставиме во функција на правдата, без да му измислуваме или калемиме вонматерични плодови од типот на СЈО.