Едно дете е тешко повредено, а друго е со полесни повреди во вчерашната сообраќајка што се случи во Скопје.
Како што соопшти МВР, вчера околу 12.35 часот на улица „Алија Авдовиќ“ во Скопје, патничко возило „Фолксваген туарег“, управувано од С.Р.(31) од Скопје, удрило во две деца-пешаци на возраст од девет години.
Децата биле пренесени во градската општа болница „Свети Наум Охридски“, каде кај едното биле констатирани тешки телесни повреди, а кај другото телесни повреди. Извршен бил увид на местото и се работи на целосно расчистување на случајот.
Инаку во текот на изминатиот ден на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле вкупно пет сообраќајни незгоди од кои една сообраќајна незгода е со тешки телесни повреди, една со телесни повреди и три сообраќајни незгоди со материјална штета.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека 27 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 26 возачи од кои: тројца возачи затоа што управувале возила под дејство на алкохол, 18 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и пет возачи затоа што биле возачи-почетници.
Исто така исклучени од сообраќај се и 16 возила бидејќи 11 биле нерегистрирани и пет возила биле технички неисправни. Санкционирани се тројца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци, четворица поради неправилно престројување, еден возач поради неправилно престигнување, двајца поради недавање првенство на минување на возила во зона на крстосница, тројца возачи поради непоседување пропишана зимска опрема, 11 поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 14 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило.
Санкциониран е и еден пешак поради поминување коловоз вон пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 104 мандатни платни налози и 85 возила се подигнати со специјално возило “пајак”.