Неспроведувањето на обвинетиот Сашо Мијалков од Затворот Струга на вчерашното рочиште за „Титаник 2“ во Основниот кривичен суд Скопје ќе го испитува Управата за извршување на санкции. Додека за Затворот во Струга ова е техничка грешка на Кривичен, од Судот велат дека тој бил уредно поканет.
Управата за извршување на санкции вчера најави дека ќе ги преземе сите активности што се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор со цел да се утврди фактичката состојба поради која обвинетиот Сашо Мијалков не е спроведен од затворот Струга на судење за случајот „Титаник 2“.
– Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана, се наведува во соопштението од Управата за извршување на санкции.
Директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќуља, во одговор на МИА, вели дека станува збор за техничка грешка во датумите од страна на Кривичниот суд во Скопје.
– Станува збор за техничка грешка од страна на Кривичниот суд. Во нашата институција сме примиле наредба за спровод на осудениот Сашо Мијалков на 28.11.2022 година за одредено судско рочиште на 12.12.2022 година. По оваа наредба ние сме постапиле и сме го испратиле осудениот Мијалков на рочиште. Ова судско рочиште е одложено, и потоа, на 14.12.2022 година во нашата институција пристигна пак барање од Кривичниот суд за истото лице, но, и во ова барање, датумот на судското рочиште е истиот од претходното барање, значи 12.12.2022 година. Значи евидентно е дека станува збор за техничка грешка, рече директорот Куља за МИА.
Од Кривичен, пак, велат дека на 14.12.2022 година затворот во Струга има примено наредба за спровод на обвинетото лице за денешната расправа.
– На денешната главна расправа, судечкиот совет пред странките ја прочита повратницата од Затворот Струга на која е наведено дека на 14.12.2022 година имаат примено наредба од Основниот кривичен суд Скопје, за спровод на посоченото лице на денешната расправа, велат од Кривичен суд.
Подоцна Кривичен, во соопштение до медиумите, ја објави повратницата од доставата на наредба за спровод од Затворот Струга.
Од Судот, наведуваат дека од судската пракса по која се постапува, наредбата може да содржи дата за насрочена прва главна расправа, а за сите понатамошни наредби важи Евидентниот број на повратницата која ја добива Затворот.
-Во однос на објаснувањето на Затворот Струга дека наредбата се однесува за 12.12.2022 година ( кога се одржала последната расправа), особено е важно да се истакне дека Затворот истата ја примил на 14.12.2022 (евидентно од повратницата) па нејасно е како би ја спровеле наредбата два дена подоцна. Дотолку повеќе што на судењето одржано на 12.12.2022 година во присуство и на обвинетиот, неговите бранители како и спроводната служба од Затворот Струга е нагласено дека следната расправа е насрочена за 22.12.2022 година и сите пристуни се сметаат за уредно повикани, стои во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
За предметот „Титаник 2“, кој се однесува на злоупотреби и влијанија во Државната изборна комисија за изборите во 2013 година, Кривичниот суд во март 2019 година неправосилно го осуди поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков на три години затвор за примање награда за противзаконито влијание.
Според обвинението Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.
Во декември истата година Апелациониот суд ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење.
Следното рочиште за „Титаник 2“ во Основниот кривичен суд Скопје е закажано на 26.12.2022 година.
Освен за оваа првостепена пресуда, Апелација претходно ги укина и првостепените пресудите против Мијалков за „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ и ги врати на повторно судење.