Притвор од триесет дена е одреден за дваесет и седумгодишна Турчинка поради криумчарење накит во вреднот од над 11 милиони денари, информира денеска Основното јавно обвинителство.

– Осомничената на 18 декември, околу 20 часот на аеродромот во Скопје, избегнувајќи ја царинската контрола пренела непријавена стока-накит од бело злато и тоа дваесет и едно парче накит со вкупна тежина од 380,5 грама кои имаат вредност од 11.106.000 денари. Таа откако пристигнала со лет од Истанбул, се упатила кон излезот на преминот каде поминуваат патници кои немаат стока за пријавување. По што, при селекција од страна на царинскиот службеник и преглед на личниот багаж била пронајдена непријавената стока, се вели во соопштението од ЈО.

Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување на истрага против 27-годишната државјанка на Република Турција поради сторено кривично дело – Криумчарење од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

– Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека се исполнети законските основи, па достави Предлог за определување на мерката притвор за осомничената. Предлогот беше прифатен од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје и со Решение е определен притвор против осомничената во времетрење од триесет дена, информираат од ЈО.