Република Бугарија утре во Скопје отвора трговско претставништво, а на церемонијата ќе присуствуваат заменик-министрите за економија на двете земји, Кире Наумов и Александар Манолев.
Во текот на утрешниот ден во Скопје ќе се одржи и билатерален бизнис форум што ќе го отворат вицепремиерите за економски прашања на Македонија и Бугарија, Кочо Анѓушев и Томислав Дончев.
– Република Македонија е важен економски партнер, имајќи ги предвид предностите на македонскиот пазар за бугарските фирми, како што се ниските транспортни трошоци слични на оние на бугарскиот пазар, се вели во соопштението од бугарското Министерство за економија, пренесено од БТА.
Членството на Бугарија во ЕУ предизвикува интерес кај македонските фирми, се додава во соопштението, што е добра претпоставка за активирање на бизнисот и трговската размена. Од овие причини, раководството на бугарското Министерство за економија донело одлука за отворање на нова Служба за трговско-економски прашања во Скопје, како и воспоставување на првото трговско аташе кое ќе работи во неа, а ќе биде задолжено за контакти со македонските институции и бизнис организации.