Со изложбата „Модерни текови на унгарската фотографија од ХХ век“, в петок во Мала станица ќе биде отворена манифестацијата „Унгарската култура поблизу до нас“, која во неколку недели ќе опфати десетина настани.
Организатор е Амбасадата на Унгарија во земјава, а партнерска институција – Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, со која амбасадата има долгогодишна соработка за гостувања на унгарски уметници на фестивалите „Скопско лето“ и „Есенски музички свечености“.
Со манифестацијата ќе бидат одбележани 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Унгарија и нашата земја и 20 години од отворањето на Унгарската амбасада во Скопје.
Унгарскиот амбасадор Ласло Дукс на прес-конференција денеска рече дека македонската јавност ќе има можност во неколку недели да посети повеќе настани и да ја запознае унгарската култура.
Покрај изложбата на фотографии, на која ќе бидат презентирани уметнички фотографии на меѓународно познати уметници, како Андре Кертес, Ласло Мохоли-Наѓ, Брасај…, манифестацијата ќе донесе и голем број концерти на етно, црковна и ромска музика, изложба „Будимпештански приказни“ која ќе гостува и во Тетово, Кавадарци и Битола, гастрономска презентација, а Унгарија ќе биде и земја во фокусот на Саемот на книгата во мај.
Дукс рече дека настаните овде се дел од поширока манифестација „Унгарска културна сезона“ која Унгарија ја организира во уште неколку земји во регионот.
-Унгарија е современа, креативна земја во која се почитуваат традиционалните вредности и во која се унапредува разновидноста во културата. Планираме да организираме широка палета настапи со музика, танц, визуелни уметности и литература, за гостите подобро да ги разберат Унгарија и унгарската култура, рече Дукс.
Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Македонија, на прес-конференцијата истакна дека е почестена што Унгарската амбасада избрала токму во нивната галерија Мала станица да ја отвори својата манифестација. Рече дека претставувањето ретки фотографии на унгарски и истовремено светски познати автори ќе биде, како што рече, сјајна увертира во амбициозната програма.