Храбри, духовити, но пред се хумани, жени кои им пркосат на предрасудите и кои докажуваат дека нема поделба на машки и женски професии.
Тоа се двете жени пожарникарки Билјана Денчовска и Менка Стојаноска кои рамноправно со нивните колеги од Скопската противпожарна бригада се справуваат со секојдневните предизвици што ги носи оваа професија.
Билјана веќе има 15-годишно работно искуство како пожарникар и уште како дете ја сакала униформата, а Менка, пак, е меѓу новопримените пожарникари која без никакви предрасуди се пријавила на конкурсот за вработување и успешно ги мина сите тестирања.
Во разговорот за МИА двете велат дека се пронашле себеси во оваа професија која пред се е хумана и благородна. Поривот да се помогне е она што ги поттикнало да се занимаваат со пожарникарство.
Посочуваат дека меѓу народот се уште постојат стереотипи и сомнежи дека оваа професија не може да ја извршуваат жени, но додаваат дека најважно е човек да нема предрасуди во себеси бидејќи тоа го чувствува и околината.
– Убаво е кога на едно место ќе има повеќе различности. Ние како жени поинаку гледаме некои работи и мислам дека поголем успех се постигнува доколку се измешани мажи и жени во еден тип на работа. Многу е интересна конуникацијата машко-женско и се создава една поинаква енергија, отколку на едно место да бидат само мажи или само жени, вели Менка.
Со колегите имаат коректен однос и кај нив не забележале никакви сомнежи. На почетокот и било потешко на Билјана, која како прва жена пожарникар требала да го трасира патот и да докаже дека е рамноправна и може да ги извршува работните задачи. Велат дека 90 проценти од колегите се појаки од нив, но оти тие како жени се поемотивни и издржливи и најголемата енергија и сила ја црпат од емоциите.
– Една од првите интервенции ми беше пожар во барака во Драчево. Луѓето не беа дома. Не ми беше страв, но, се расплакав. Ме совладаа емоциите и размислував каде сега ќе престојуваат луѓето, што ќе прават…….., раскажува Билјана, додавајќи дека тие траорни сцени остануваат врежани во сеќавање долго време.
Додава дека во дадени ситуации покрај тоа што треба професионално да ја завршат работата, разговараат и со луѓето со цел да ги утешат.
– Понекогаш мораме да бидеме и психолози. Седиме и разговараме со луѓето. Дури се создаваат и пријателства. Всушност најголемата придобивка е кога ќе видиш дека си корисен и тоа ни дава дополнителна енергија, истакнува Билјана.
На тоа се надоврзува Менка, велејќи дека со пожарот не се уништуваат само материјалните нешта, туку луѓето ги губат и спомените.
Посебно тешки се сцените при техничките интервенции на сообраќајни несреќи или спасување на давеници кога во трката за да се спаси туѓиот живот, понекогаш го става во ризик сопствениот живот.
– Ние го ризикуваме сопствениот живот за да спасиме туѓ живот или материјално добро. Важно е граѓаните да сфатат дека треба повеќе да ни остават простор да си ја завршиме работата и да бидат свесни дека е даден максимумот. Честопати луѓето не се свесни дека пречат при интервенцијата. Се собираат, вршат притисок, снимаат со телефон, коментираат. Повеќето интервенции се успешно завршени бидејќи имаме храбро срце, вели Менка.
Двете се согласни дека доколку нештата се прават со љубов, може да се постигне се, па така кога ги прашавме како успеваат да ги усогласат професионалните со домашните обврски велат – „Не е ништо тешко, кога нешто се сака“.