Педесетина програмски содржини ќе има на фестивалот „Скопско лето 2018“ кој традиционално ќе се одржува од 21 јуни до 31 јули. Ќе биде отворен в четврток, на Светскиот ден на музиката, со концерт на музичари од Израел во Македонската филхармонија. Во пресрет на официјалното отворање, пак, утревечер во НЛБ Галерија ќе биде отворена изложба на Владимир Темков „Потрага по смислата на ликовноста во соочувањето со убавината на природата“.
Организатор на „Скопско лето“ е Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), а и оваа година фестивалот е поддржан од Град Скопје, Министерството за култура и од странски културни центри и амбасади.
Директорот на ДКУС Никола Глигоров денеска на прес-конференција рече дека се задоволни што „Скопско лето“ опстојува 39 години на културната мапа на главниот град, но и на државата. Соопшти дека и годинава основата на програмата се домашни музички уметници и ансамбли, како и млади уметници кои допрва зачекоруваат на сцената, така што „Скопско лето“ и овојпат, рече Глигоров, ја покажува својата широчина и отвореност за креативните сили. „Скопско лето“ до крајот на идниот месец ќе се одржува на 20-ина локации во градот.
За концертот на отворањето задутревечер зборуваше израелскиот амбасадор во Македонија Дан Оријан. Нагласи дека секоја година учествуваат на овој фестивал со настани кои се привлечни за публиката. Годинава, рече, имаат чест да го отворат фестивалот и се задоволни што со концертот ќе бидат одбележани 70 години независност на Израел.
Во првиот дел од концертот ќе настапи Дадо Дганит, позната пејачка и член на Националниот театар на Израел „Хабима“. На своите концерти таа им дава нов живот на старите ладино мелодии и разновидната еврејска музичка култура ја модернизира збогатувајќи ја со ориентален ритам и клезмер звуци. Во вториот дел од концертот ќе настапи водечката флејтистка во Израел, Хефциба Зер Авив, која свири на повеќе од 20 видови флејта и претставува уникатен и спектакуларен мозаик од израелски и медитерански егзотичен стил на свирење флејта.
Првата театараска изведба на годинашното „Скопско лето“ ќе биде ден по неговото отворање – в петок во МНТ ќе гостува загрепскиот театар „Гавела“ со „Крал Ричард Трети“ во режија на Александар Поповски.