Трајко Славески денеска уште еднаш апелираше Владата да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, изнесен на неколку претходни прес-конференции, за пренасочување на делот од придонесот за пензиско-инвалидско осигурување, што се одвојува за осигурениците кои се членови во некое од трите постојни друштва за капитално финансирано пензиско осигурување, т.е. приватните пензиски фондови, пренасочување на овие средства во државниот пензиски фонд од кој во моментов се исплаќаат пензиите на речиси сите корисници на пензија во Македонија.

-Ги охрабруваме да го направат тоа, затоа што е сосема легитимно во вакви тешки околности за државниот буџет и за фондовите, каде што со сигурност треба да се очекува дека состојбата дополнително ќе се влоши пред да започне да се подобрува. Ќе ги потсетиме на неколку примери за тоа како постапија одделни земји од Централна и Источна Европа како одговор на последиците негативни од економската криза, глобалната финансиска и економска криза од 2007-2009 година: Естонија една од најнапредните земји од Источна Европа, целосно ја суспендираше уплатата во приватните пензиски фондови од 1 јуни 2009. до 31 декември 2010 година, значи цели две години а потоа во 2011 година стапката започна да ја зголемува од 1 до 2% на средства коишто одат во приватните пензиски друштва. Соседната Латвија во мај 2009 година ја намали стапката од 8% на 2 % на средства што одат во приватните пензиски друштва. Литванија ја намали стапката од 5,5 % на 2% во 2011година, Унгарија целосно ги национализираше приватните пензиски фондови и средствата ги припои кон државниот фонд. Полска на 1 мај 2011 година ја намали стапката за приватните пензиски фондови од 7,20% на 2,30%. Дополнително како што е познато пред две години полската влада со закон целосно го национализираше делот од средствата на приватните пензиски фондови коишто беа во тоа време инвестирани во државни хартии од вредност, а тоа беше износ речиси две третини од вкупните средства со кои располагаат пензиските фондови. Словенија никогаш не воведе задолжителен втор столб. Покрај државниот, постојат доброволни пензиски фондови. Како што спомна вчера на прес-конференцијата нашиот претседател, г-динот Христијан Мицковски, само во првите два месеци од 2020 година по овој основ на име придонеси во приватните пензиски друштва се трансферирани околу 25 милиони евра. Во новонстанатите околности во кои Буџетот се соочува со неликвидност, а потребите од средства за поддршка на здравството, на вработените и на компаниите во Македонија се огромни, ова е понуда што Владата не само што не смее да ја одбие, туку треба да ја поздрави. Не сум сигурен дека при променети улоги на релацијата власт-опозиција, некоја друга опозиција би покажала толкав степен на кооперативност и разбирање по вака чувствително прашање, истакна Славески.