Со црвени вратоврски на кои пишува премиер – Албанец – 28.01.2024, Али Ахмети со сопартијците денеска слави за изборот на Талат Џафери за премиер на преодната влада, објавија медиумите за вчерашното славје за изборот на Талат Џафери за премиер на техничката влада на Македонија.

Видеа од славјето на Тик-ток објавува Бленди Февзиу – водител на популарното ТВ-шоу „Мислење“ (Опиниони) на ТВ Клан Албанија, кој е еден од четворицата ВИП гости на ДУИ за кои порталот „Икс“ објави дека цел ден се превезуваат со службено возило од Министерството за политички систем со кое раководи Артан Груби.

Според сторијата на „Икс“, гостите прво пиеле виски и пушеле цигари во канцеларијата на Али Ахмети, заедно со домаќините, а потоа ги зазеле столчињата во ВИП-ложата во пленараната сала на македонскиот парламент.

„Мислевме дека ДУИ како домаќин само сака да им направи чест на гостите од Албанија и Косово, но испадна добро организиран план за пропаганда. Од утрово Талат Џафери беше придружуван од Адриатик Келменди. Материјалите се споделуваа од портали блиски на Груби, а целата операција ја координираше самиот тој“,вели новинарот на портал „Икс“, Фуркан Салиу, во денешната видеосторија покажувајќи десетици идентични објави на портали кои важат за блиски до ДУИ.

Инаку, денеска со 65 гласа „за“ и три „против“ Собранието ја изгласа техничката влада по речиси двочасовна пленарна дискусија. Премиер во преодната влада е Талат Џафери од ДУИ. На засебна седница се констатираа и заменик-министрите, како и дополнителните заменик-министри.

Со ова е комплетиран составот на техничката влада која ќе функционира до изборот на нова, по редовните парламентарни избори кои се закажани за 8 мај.

За утре во 10 часот најавено е и примопредавање на функцијата помеѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски, и новиот премиер Талат Џафери.