По најавениот струен, Македонија ќе се соочи и со ценовен станбен шок. Цената на станбениот квадрат ќе замине „до плафон“ од следната година. Градежниците најавуваат поскапување и до 100% зашто поскапеле материјалите, пораснала и побарувачката, а се намалиле и дозволите за градба. Во скопски Центар квадратот до година ќе стигне и до 2.000 евра, се вели во прилогот на ТВ АЛФА.

Цените на градежните материјали согласно анализата за периодот од март 2020 до март 2021 година направена од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите се зголемени енормно. При тоа, како што рече Серафимовски, челичните цевки и профили се поскапени за 66% со најава дека до Нова година ќе се покачат за уште 33%, дрвената граѓа е покачена за 55%, полимер битуменот за 47%, геокомпозитот 45%.

  • Во моментов зголемените цени на градежните материјали се одразуваат во голема мерка и ќе се одразат уште повеќе на цената на становите. Во моментов се многу оштетени компаниите кои работат на јавни набавки во кои главен норматив за добивање на јавната набавка е минимална цена. Проблем се и јавните набавки каде е пропишана фиксна цена за целото време на траење на проектите. Мораториумите за градба во Скопје и поскапувањето на цените на градежните материјали си го направија своето и сега становите поскапуваат. До каде ќе одат поскапувањата зависи од многу фактори, а пред се од куповната моќ на граѓаните и од исплатливоста за градба во одредени подрачја, прецизира Серафимовски.

Градежните комори се пожалиле и дека Македонија се соочува со сериозен недостаток на работната сила, која се помалку ја има. Исто така, причина за енормниот пораст е мораториумот за градба во некои општини, а зголемениот  интерес од страна на граѓаните за купување недвижнини.

Пандемијата, но и ниските камати на депозитите ги тера граѓаните парите наместо во во банка, да ги вложат во недвижности. Тоа драстично ја зголемува побарувачката, велат градежниците.

Претходно, и Народната банка забележала пораст на цената на станбениот квадрат за скоро 6%. На годишно ниво граѓаните за да купат стан кај банките се задолжиле за една милијарда и 65 милиони евра, или пораст од околу 16%.