Летонија го забрани емитувањето на рускиот државен телевизиски канал „РТ“, повикувајќи се на фактот дека телевизијата е под контрола на медиумска личност санкционирана од ЕУ.

Станува збор за Дмитри Кисељев, кој го исмеја обвинението, тврдејќи дека станува збор за показател за глупоста и потенцирајќи дека тој никогаш не бил на чело на „РТ“, па од тие причини побара Летонија да му се извини на ТВ каналот и повторно да го пушти во етерот.

Кисељев се наоѓа на списокот на лица под санкции од ЕУ за неговата улога во промовирањето на „пропагандата на Кремљ“ и поддршката на руската анексија на Крим од Украина во 2014 година, наведуваат американските медиуми.

Советот за национална контрола на електронските мас медиуми укина седум канали кои припаѓаат на мултинационалната мрежа управувана од „РТ“, тврдејќи дека „РТ“ е под „ефективна контрола“ на Кисељев.

Како едно од објаснувањата, Советот ја обвинува руската телевизија дека Летонија ја прикажува како неуспешна држава во своите програми.

Кисељев, кој ја предводи државната медиумска група „Русија Сегодња“, во која се вклучени и  РИА Новости и Спутник, истакна дека нема ништо заедничко со „РТ“, поранешната „Раша Тудеј“.

-Оваа одлука е показател за глупоста, неспособноста и русофобијата на Летонија, рече Кисељев во интервју за радиото „Зборува Москва“.

Во последниве години, Летонија и Литванија привремено забранија други руски државни ТВ-канали под изговор дека служат за ширење на  пропагандата на Кремљ.