Словачка повторно ќе воведе вонредна состојба оваа недела во борбата против епидемијата на коронавирус, изјави денеска премиерот Игор Матовиќ.
„Ситуацијата е крајно сериозна и мислам дека треба да донесеме темелни и смели одлуки“, рече Матовиќ по состанокот на кризниот штаб.
Се очекува Владата да воведе вонредна состојба в среда, и ова ќе биде втор пат од почетокот на епидемијата на коронавирусот.
Се предлага сите спортски, културни и верски настани да бидат забранети од 1 октомври. Одење на свадби или погреби ќе биде дозволено само ако сите учесници докажат дека се негативни на тестот за коронавирус.
Ресторани, барови и кафулиња би биле отворени до 22.00 часот, додека луѓето кои не живеат под ист покрив мора да одржуваат физичко растојание од најмалку два метра надвор, и сите мора да носат маски.
Во Словачка, со 5,4 милиони жители, има 9343 заболени од почетокот на епидемијата, при што починаа 44 лица.
Бројот на заразени на дневна основа во петокот забележа најголем број досега – 552.