Директорот на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, не ја исклучува можноста да ја прифати понудата да ја прими руската вакцина „Спутник V“, тогаш кога таа ќе добие одобрение од СЗО.

Одговарајќи на прашањето на новинарот на ТАС, дали ќе ја прифати понудата на рускиот претседател Владимир Путин да ја прими вакцината „Спутник V“, Клуге рече дека е можно тоа да се случи, откако вакцината ќе биде одобрена од СЗО.

Клуге му се заблагодари на Путин за понудата и истакна дека таа е многу важна, бидејќи на вработените во Обединетите нации вакцината им е потребна исто како и на сите други.

Директорот на регионалната канцеларија на СЗО за Европа го пофали говорот на Путин на Генералното собрание на ОН, кој по тој повод изрази силна поддршка за СЗО.

Клуге смета дека рускиот претседател претставил две одлични идеи во својот говор на Генералното собрание на ОН: идејата за одржување меѓународна конференција за вакцината и идејата за „зелени коридори“, безбедни начини за патување.

Претставникот на СЗО истакна дека Русија има долга историја на успешно истражување на вакцините, нивниот развој и производство и дека без вакцини од оваа земја, би било невозможно да се искорени жолтата треска, полио и сипаници.

„Затоа, не се сомневам дека Русија има капацитет да развие вакцина против Ковид 19 или некоја друга вакцина“, истакна Клуге.

Тој рече дека на првиот ден од неговата посета на Москва е потпишан договор за тајност на податоците меѓу Русија и СЗО и дека Русија во вторникот до СЗО доставила информации за третата фаза на клинички испитувања на вакцината.

Клуге за ТАС изјави дека екипите на СЗО во моментов ги проучуваат информациите дадени од Русија. Тој повтори дека не е скептичен, дека е многу самоуверен и дека поттикнува не само Русија, туку и други земји да работи на развој на вакцината.