Со изведбата на краткиот драмски текст „Бегај ѓаволе, жена ми доаѓа“ на културното друштво „Шатор Шторје“ од Сежана, Словенија, синоќа во Кочани почна 55. Драмски аматерски фестивал.
Во рамки на фестивалската програма, што годинава се одвива под мотото „Уметноста е долга, животот е краток“, драмската група од гимназијата од Велес се претстави со адаптацијата на „Многу врева за ништо“ од Шекспир, а драмското студио при ЦК „Бели мугри“ од Кочани ја изведе „Пеликан“ од Стриндберг.
– ДАФ е фестивал во којшто искрено се негува љубовта кон театарот. Речиси и да не постои човек кој се занимава со театар во каква било форма, како режисер, актер или сценограф, којшто не почнал на оваа манифестација. И сите актери, режисери и други театарски работници со особена топлина се сеќаваат како почнале во Кочани. Некои од нив во 1960-те, други деценија подоцна и така со ред. Верувам дека и на учесниците годинава фестивалот и Кочани ќе им останат во долги спомени, рече Дарко Спасов, претседател на ДАФ.
На фестивалот во Кочани годинава има 210 учесници од 16 театарски групи од кои две се од Словенија и Србија.
– Посебна гордост годинава ни е гостувањето на Словенецот Марко Брецељ, ексцентричен, мултимедијален уметник попознат како поранешен фронтмен на сега веќе култниот југословенски рок-бенд од 70-те и 80-те „Булдожер“. Брецељ доаѓа в четврток, на 31 мај, заедно со словенечкиот писател Томаж Космач, за промоција на неговата книга „Панкот е мртов“. Уште еден настан што ќе се случи на 1 јуни и е посебен за кочанската публика е премиерната промоција во родниот град на Тошо Филиповски на капиталното дело „Македонска рок енциклопедија“, рече Спасов.
ДАФ годинава од НУЦК „Бели мугри“ се шири и во предворјето на домот на културата, каде тридневен ликовен перформанс насловен „Планеризам“ ќе има уметникот Орхан Ќамилов, а Марија Манева ќе има работилница за смола и глина.
Професорката Зоја Бузалковска и Александар Степанулески ќе водат тридневна актерска работилница
Музичкиот дел е обединет под настанот „Револушн фест“, конципиран како петдневен фестивал под отворено небо на кој ќе настапат скопскиот џез-состав „Летечки пекинезери“, Васко Атанасоски, диџеј Гоце САФ, „Брас брадрс“ и Дј Мастер Г.
Фестивалот ќе додели награди за најдобра главна и споредна машка и женска улога, најдобра режија, специјална награда и главната – Гран при, за најдобра претстава на фестивалот во целост.
Изборот на претставите за 55. ДАФ го направи актерката Јасмина Билаловиќ, во жири комисјата се актерите Горан Стојановски, Наталија Тодосиевска и драматургот Билјана Крајчевска, а водител на разговорите по претставите е новинарот Тодор Кузманов.