Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека енергетската солидарност и изнаоѓање синергија е единствениот начин Европската унија да избегне редукции во текот на престојната зима, а недостигот од руски гас да се компензира преку намалување на негово трошење за производство на електрична енергија.
Голоб за телевизијата „ПОП-ТВ“ изјави дека петтина од целата потрошувачка на гас во ЕУ оди за производство на електрична енергија.
Доколку членките би обезбедиле струја од други извори за Германија, Италија и Холандија кои се големи потрошувачи на електрична енергија произведена од гас, а за што постојат реални можности, преку паневропска солидарност и синергија отсуството руски гас може да мине без енергетски рестрикции, цени словенечкиот премиер.
Словенечката Влада вчера донесе уредба за регулирање на цената на струјата за домаќинствата и за малите деловни потрошувачи од 1 септември, со што тие наредната година ќе плаќаат пониски цени благодарение на намалувањето на дел од даноците и ДДВ за испорачана струја од 22 на 9,9 отсто.
Голоб најави дека наредната седмица Владата ќе донесе слична одлука за регулирање на цените на гасот.
Тој исто така повика на штедење и рационално користење на енергијата, како и создавање резерви на гориво кај производителите на енергија.