Поради полициска акција се уште е затворен граничниот премин „Обрежје“ на хрватско-словенечката граница, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Според последните информации кои ги пренесоа локалните медиуми, полицијата пронашла бомба во автобус на компанијата „Фликсбус” кој од Хрватска сакал да влезе во Словенија.
Засега едно лице е приведено, и според првичните информации, кои се уште не се официјално потврдени, се работи за руски државјанин. Словенечката полиција информира дека во овие моменти се одвива интервенција на специјализирани екипи кои треба да утврдат за каква точно експлозивна направа се работи.
Граничниот премин е затворен во двата правци, а возилата се пренасочуваат кон локалните помали гранични премини.