Во Словенија од денеска стапуваат во сила новите правила за финансиска помош за невработените лица, според кои, меѓу другото се зголемува паричниот надомест што ќе го добиваат оваа категорија граѓани.

До сега на невработените им следуваше помош од 350 евра, со новиот закон таа се зголемува и ќе изнесува 530 евра месечно, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Според законските измени, сега странците кои имаат регулиран престој во Словенија, а не се државјани на земја членка на Европската Унија, за да бидат впишани во регистарот на невработени лица ќе треба да достават и потврда за основно познавање на словенечкиот јазик, односно ниво „А1“.

Лицата пак кои се државјани на земја членка на ЕУ, ќе треба да посетуваат курс по словенечки јазик и лично да се пријавуваат на огласи за работа.

Според Министерството за труд, главната цел на новиот закон е да се подобри социјалниот статус на граѓаните, кои не можат да најдат работа.