Германија, Франција, Велика Британија и Холандија се највлијателни држави во ЕУ, додека Словенија и Хрватска се најмалку влијателни. Тоа се нагласува во анализа на Европскиот совет за надворешни работи, со седиште во Лондон и фондацијата „Штифунг Меркатор“ со седиште во Есен.

Словенија и Хрватска се на 25 место кога е во прашање нивното општо влијание во ЕУ, каде местото го делат со Бугарија и Малта, но кога станува збор за тоа кои земји имаат влијание врз политиката на Унијата, балканските држави, исто така, се на 25 место заедно со Летонија и Малта.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека Германија е најдобар партнер во донесување политички одлуки, а потоа следат Франција и Италија.

Европскиот совет за надворешни работи го подготви извештајот врз основа на прашања поставени на 877 експерти од медиумите, владите и институциите од сите земји-членки на Унијата, „активни во политиката на ЕУ“.

Истражувањето покажа дека Унгарија е земја која „најмногу разочарува“, додека Словенија е на 16 место, како една од земјите кои најмалку разочарале во изминатите две години.