Словенечкиот парламент со нов уставен амандман го прогласи правото на питка вода за основно човеково право. На овој начин, практично се оневозможува приватизацијата во оваа област, бидејќи само државата може да управува со изворите и другите водните ресурси.
На 17 ноември, националното Собрание усвои амандман на Уставот на Република Словенија, со кој водата се прогласува за јавно добро и се спречува нејзината комерцијализација. Дополнувањето на најважниот правен акт на Словенија беше усвоенсо 64 гласови за и без ниту еден „против“. Националното собрание има вкупно 90 пратеници.
Во новиот член 70А од Уставот се наведува дека секој граѓанин на Словенија има право на питка вода, дека водата е јавно добро под управа на државата, и дека изворите на вода пред се и трајно треба да служат за снабдување на населението со питка вода и вода за домаќинствата. Поради сето ова, водните ресурси не можат да бидат предмет на продажба.
Државата планира да управува со водните ресурси преку органите на локалната заедница, а за спроведување на оваа уставна одредба ќе треба да се усвојат нови закони и прописи.
Така, по Словачка, Словенија стана втора членка на ЕУ, која го стави правото на вода во Уставот. Премиерот Миро Церар ги опиша водените богатства на Словенија како „течно злато од 21 век” и ја пофали заедничката акција на експерти, политичари и заинтересирани страни, бидејќи со тоа ја поддржаа визијата за модерна и „зелена Словенија”.
– Тоа што речиси насекаде во Словенија можеме да пиеме вода од чешма, не смее да се подразбира. Тоа е голема привилегија за Словенците, која мораме да ја зачуваме не само поради нас, туку и за следните генерации, рече претседателот на словенечката влада во обраќањето пред пратениците.
– Како што во иднина ќе станува уште повредно добро, притисокот околу водата ќе се засили, а ние не смееме да попуштиме, додаде Церар, истакнувајќи дека квалитетот на водата во Словенија е првокласен и затоа притисоците од големите корпорации за продажба на водните ресурси ќе бидат уште поголеми.
Премиерот Миро Церар ја истакна важноста на фактот што измената на Уставот учествувале не само правници, туку и граѓански здруженија. И покрај зборовите на премиерот, лидерите на најмалку две опозициски партии во парламентот приговорија дека станува збор за обична промоција и дека државатаслабо се грижи за изворите, езерата и другите водни ресурси.
Иницијативата за усвојување на новиот член на Уставот беше иницирана од организацијата Цивилна иницијатива за Словенија и слобода, која ја поздрави одлуката на парламентот и која ја смета за своја победа.
– Ви благодариме на сите! Посебно се заблагодаруваме на сите од петицијата потпишана од 56.000 лица, со која се бараше да се додаде во Уставот неотуѓивото право на вода, на медиумите што ни овозможија да ги презентираме нашите ставови, на експертите кои ни помогнаа, а на крај и на политичарите кои нè послушаа. Ова е голема победа за нашето општество, рече Дејан Огринец од таа организација.
На истата седница, ДРжавниот збор го ратификуваше и Парискиот договор за климатски промени (COP21), кој доби поддршка од сите 76 присутни пратеници.
Балкан Грин Енерџи њуз