Цените на недвижностите во Словенија минатата година пораснаа за околу 15 проценти, поради што експертите предупредуваат на опасност од „прегрејување“ на пазарот за недвижен имот во земјата.
Според податоците на европската статистичка агенција Евростат, во последниот квартал од 2018 година цените на недвижностите во Словенија се зголемиле за 15,1 отсто на годишно ниво, што претставува најголема стапка на раст на вредноста на невижниот имот во рамките на ЕУ.
Словенчките агенции за продажба на недвижности посочуваат дека тој тренд на раст на цените на недвижниот имот продолжува и оваа година.
Експертите предупредуваат дека проблем при ова претставува фактот што дури 70 проценти од невижностите се купуваат со ризични хипотекарни кредити и покрај препораките на централната банка на Словенија за „промислено и сигурно кредитирање“ и за водење сметка за кредитоспособноста на барателите на станбени кредити.
Според експертите, во вакви услови се создава опасност од „прегрејување“ на пазарот на невижности поради „дувањето“ на цените на недвижниот имот, пред се во Љубљана, Копер и другите туристички места.
Така, во Љубљана, каде во моментов има застој во изградбата на нови станови, цените на старите станови достигнуваат и над 3.000 евра за метар квадратен.
– Неодамна продадовме стар стан без гаража, со површина од 60 метри квадратни, на врвна локација во Љубљана, за цена од 260.000 евра, вели Зоран Ѓукиќ од агенцијата за недвижноста „Стоја Трејд“, односно за над 4.300 евра за метар квадратен.
Ѓукиќ проценува дека на словенечкиот пазар за невижности веќе настапува „прегрејување“, додавајќи дека пад на цените на становите во Љубљана би можело да се очекува по 2020 година.
Зоран Марон од агенцијата „Метропола“, пак, проценува дека цените на становите на добра локација во Љубљана до 2020 година би можеле да се стабилизираат на околу 3.000 евра за метар квадратен.
– Се што ќе биде над тоа ниво, ќе биде тешко да се продаде. Главен проблем во Љубљана е недостигот на станови за цена од 2.500 до 2.600 евра за метар квадратен, додава Мадон.