Нема големи турканици на првиот ден откако во Словенија повторно е воспоставен јавниот превоз, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Граѓаните ги почитуваат сите препораки на здравствените со цел да можат за превоз да ги користат автобусите и возовите. Министерот за инфраструктура Јернеј Вртовиц кажа дека е задоволен од однесувањето на граѓаните, а забележа и дека немало многу луѓе во возилата на јавните сообраќајни претпријатија.
Според новите правила, автобусите и возовите ќе сообраќаат по посебни редуцирани возни редови, а при влегувањето во истите граѓаните задолжително треба да си ги дезинфицираат рацете и цело време да носат заштитни маски.
Дополнително, влезот во автобусите ќе биде исклучиво од задната врата, а по секој работен ден возилото ќе мора комплетно да се дезинфицира и исчисти.