Притвор од 30 дена им е одреден на девет лица осомничени во најновиот случај за злоупотреби со утврдување услови за добивање парична помош за туѓа нега и стекнување на право на инвалидски пензии, информираат од Кривичниот суд.
Пет лица одат во куќен притвор, додека на 9 им се одредени мерки на претпазливост, односно имаат обврска да се јавуваат во судот и одземени им се патните исправи.
-Судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, кои во текот на вчерашниот ден постапуваа по предлогот на Јавниот обвинител за определување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против 24 лица од кои 23 беа спроведени во судот, а едно лице се уште не е недостапно за органите на спровод, осомничени за повеќе кривични дела, а поврзани со акцијата на ОЈО ГОКК за злоупотреби со утврдување услови за добивање парична помош за туѓа нега и помош за лица со попреченост и неспособност за самостојно живеење, Донесоа решенија, согласно предлогот на Јавниот обвинител и нивното произнесување пред судиите на претходна постапка, велат од Кривичен.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Министерството за внатрешни работи во координација со надлежен јавен обвинител вчера изврши претреси на повеќе локации на подрачје на Скопје, Велес, Тетово и Гостивар, при што од слобода беа лишени вкупно 23 лица, додека едно лице не било достапно за органите на прогон.
При извршените претреси, од МВР соопштија дека пронајдени и одземени се 110.000 евра, 65.000 денари и 100 долари, повеќе мобилни телефонски апарати, нотеси со податоци на должници, како и разна медицинска документација и повеќе факсимил печати.
Во соопштението од МВР се наведува дека за овие лица се обезбедени докази за криминално коруптивно дејствување на две организирани криминални групи, двете формирани во текот на 2023 година, при што членови на организираните криминални групи со прекршување на Законот за социјална заштита, Законот за пензиско и инвалидско осигурување, Закон за здравствена заштита, како и други закони и подзаконски акти кои ги регулираат постапките за стекнување со право на помош и нега од друго лице и право на инвалидска пензија, во континуитет ги извршувале кривичните дела: „злоупотреба на службената положба и ги овластување“ по чл. 353 од КЗ, „помагање“ по член 24 во врска со „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл. 353 од КЗ, „примање поткуп“ по член 357 став 1 од КЗ, „давање поткуп“ по член 358 став 1 од КЗ, „примање награда за противзаконито влијание“ по член 359 став 7 вв став 2 од КЗ, „давање награда за противзаконито влијание“ по член 358-а став 2 од КЗ, со кои за себе и за други лица противправно прибавуваат имотна корист и овозможуваат неосновано стекнување со социјално право на туѓа нега и право на инвалидска пензија, со кои противправни дејствија предизвикуваат штета на буџетот и фондовите на државата.