Слупчанци попладнево седнаа на маса со ЕВН. По вчерашната средба помеѓу жителите, заклучиле дека барањата им остануваат и отстапување нема, известува Канал 5.

Очекуваат раководството на ЕВН да стави потпис на документот кој и претходно беше споделен со јавноста а во кој има 13 точки со барања, меѓу кои сметките да не достигнуваат до 15 илјади денари, долговите кои ги имаат мештаните да се платат на рати, струјомерите да бидат исти како за сите во државата, а верските објекти да не плаќаат струја.

„Тој меморандумот што беше претставен, само некои мали финеси се бараат од нив, некои мали детали да се дефинираат, и мислам дека ќе се договориме. Состанокот е во 16 часот во Општина Липково, со градоначалникот, директорот на ЕВН, и не знам дали некој од Владата ќе има. Денеска треба да се сретнеме и да потпишеме некаков договор. Има позитивна атмосфера и мислам дека ќе завршиме како што треба.“ изјави за Канал 5 Зекирија Шаини, претседател на општински совет Слупчане.

Попладнево на состанокот кој ќе се одржи во општинската зграда, најавено е присуство и на градоначалникот на Липково.

А, по однос на нивните барања од ЕВН веќе се изјаснија дека ги разгледале и ќе се постапи единствено онака како што е уредено во законите кои важат за сите корисници без исклучок.

Претходно од компанијата најавија дека нивните екипи ќе започнат да работат на реконструкција на мрежата во Слупчане на 9ти август.

Ова следи откако Слупчане втор пат остана без струја, бидејќи според ЕВН 80% од жителите таму не плаќаат струја, ниту пак им дозволувале на екипите да влезат и да ја модернизираат мрежата. За решавање на проблемите во Слупчане интервенираше и Владата.