Екипите на електродистрибуција почнаа со работа во липковското село Слупчане, веќе се заменети дел од опремата и договорено е корисниците на социјална парична помош да ги плаќаат заостанатите сметки на рати, кажаа претставниците од општината.
Во однос на договорот со жителите од Слупчане, како што пренесе А1он, од ЕВН велат дека законите кои важат за сите корисници ќе продолжат да важат и понатаму.
Претседателот на советот на општина Липково, Зекрија Шаини вели дека активностите на терен течат согласно договорот.
– Состојбата беше бурна и луѓето од селото сакаа да знаат што ЕВН ќе работи. Тие се приватна компанија и сакавме да знаеме што конкретно ќе работат како и за сите приватни компании. Половина од селото користат социјална помош и имавме барање долговите да се плаќаат на рати, што важи за сите граѓани во Македонија. ЕВН ќе треба да постави бандери до планот до каде што е селото, изјави Шаини.
Во однос на барањето да се плаќа по 3.000 без разлика на потрошувачката, тој кажа дека во тоа препукување преку медиумите со некои луѓе од ЕВН, дел од барањата на слупчанци биле нелогични.