Покачување на минималната пензија со минималната плата и линеарно зголемување на сите пензии побараа на денешниот протест пензионерите.

На протестот, кој се одржа во Жена парк, во Скопје пензионерите посочија дека не се работи за партиски туку за егзистенцијален протест.

Според пензионерите, во моментов немаат пензии доволни за да имаат пристоен живот.

– Бараме минималната пензија да биде 25.000 денари. Струјата е поскапена, парното и водата исто така. За храната да не зборувам. Лубеница немаме пробано, а да не зборувам за сирење и кашкавал, рече една пензионерките кои протестираа.

Во изминатите денови имаше протест на пензионерите и во другите градови, во источна Македонија, во Тиквешијата, а вчера најмасовни беа во Прилеп. Тие бараа зголемување на пензиите од септември за 3.500 денари, а не само за 6 отсто како што најави Владата.

– Го допревме дното, веќе не може вака, линеарно зголемување на сите пензии, не сакаме 6 отсто, сакаме 78 проценти, беа само дел од транспарентите.

Додека пензионерите се расправаат дали зголемувањето на пензиите да биде процентуално или линеарно, можно е државата да нема пари да ги покрие сегашните исплати на пензиите бидејќи веќе доцни со намирување на долгот кон банките кои предвреме ги исплаќаат пензиите.

– Револтот на пензионерите е голем и никој од Владата нема образ да излезе, и по високото зголемување на платите на функционерите од 78 отсто, да го оправда ова зголемување на пензиите. Дел од пензионерите земаат прениски пензии од 10.000 денари, вели за Плусинфо, поранешниот министер за финансии и економски аналитичар, Џевдет Хајредини.

Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија преку соопштение од извршниот одбор соопшти дека е против линеарното зголемување на пензиите, бидејќи како што вели, линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји. Оттаму потсетуваат дека годинава пензиите со методологијата која е актуелна ќе се зголемат за околу 15%.

Од Сојузот, сепак, признаваат дека минималната пензија е многу ниска и затоа го поддржуваат барањето за покачување на висината на минималната пензија.

„Сојузот на здруженија на пензионери затоа подготви предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика. СЗПМ смета дека предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ“, се наведува во соопштението од Сојузот на пензионери.

Спротивно на Сојузот на пензионери, Пензионерскиот синдикат при Конфедерацијата на слободни синдикати го поддржа барањето на пензионерите за линеарно усогласување на пензиите и предлага минималната пензија да се утврди на 60% од просечната исплатена нето-плата.

– Просечната нето исплатена плата за мај 2023 година изнесува 36.465 денари. Доколку се применува нашето предложено законско решение, просечната пензија да биде 60% од просечната плата, просечната пензија би изнесувала 21.879 денари. Разликата би изнесувала 2.829 денари од пензијата исплатена во мај 2023 која изнесува 19.050 денари. Тоа би значело дека Пензионерскиот синдикат предлага линеарно усогласување на сите пензии за 2.829 денари – велат од пензионерскиот синдикат.