Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Договорот од Преспа се објавени во Службен весник на Република Македонија.
– Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“ во број 7 од 14.1.2019 ги објави Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и Законот за употреба на јазиците. Двете објави се во согласност со член 52, став 2 од Уставот на Република Македонија (Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од 8 (осум) дена од денот на нивното донесување), соопшти денеска ЈП „Службен весник на Република Македонија“.
Согласно со тоа, се наведува во соопштението, а во врска со член 51, став 2 од Уставот на Република Македонија, во кој се вели дека „Секој е должен да го почитува Уставот и законите“ и оваа институција, која е со закон овластена да ги објавува прописите во РМ, своето работење секогаш го остварува во рамките на Уставот и законите и само ја исполнува уставната обврска.
Од ЈП „Службен весник на Република Македонија“ наведуваат дека претпријатието е професионално и нема да дозволи мешање на политиката во неговото работење и нарушување на неговиот углед, како и дека за секој обид за нарушување на угледот ќе биде поведена соодветна судска постапка.
Собранискиот спикер Талат Џафери синоќа преку својот фејсбук профил објави дека го испратил во Службен весник Законот за употреба на јазиците. Во кусата објава на фејсбук Џафери на македонски и на албански јазик напиша „Законот за употреба на јазиците и во Службен весник“.
Овој закон два пати беше изгласан во Собранието, на 11 јануари и на 14 март минатата година, но претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише, со образложение дека е противуставен.
Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.