Маж е егзекутиран во иранскиот град Семнан поради намерно задушување на сопругата, јави ДПА.

Новинската агенција Мизан, која е поврзана со судството во земјата, денеска објави дека инцидентот се случил во Семнан во 2020 година, а пресудата е извршена откако Врховниот суд ја потврдил првичната смртна казна.

Истражителите подоцна откриле дека сопругот се обидел да ја прикаже смртта на сопругата како природна, пренесува германската агенција.

Официјалните лица изјавија дека обидот не успеал по форензичките тестови и реконструкцијата на злосторството.

Јавните егзекуции се реткост во Иран, а вообичаено се извршуваат со бесење, потсетува ДПА.

Ригорозната употреба на смртна казна во Иран со години е критикувана од активистите за човекови права, кои ги обвинуваат иранските судски власти дека користат егзекуција за заплашување на критичките гласови.

На крајот на септември, Амнести интернешнл го процени бројот на егзекуции во земјата само годинава на повеќе од 1.000, што е повеќе од која било друга во последните 15 години, потсетува ДПА.

фото: архива