Во американската сојузна држава Алабама, осуденик за првпат беше погубен со употреба на азотен гас, кој државата во САД го нарече „најбезболен и најхуман метод на егзекуција досега“, додека противниците тврдат дека методот е суров и експериментален.
Кенет Јуџин Смит (58), осуден за убиство, е усмртен, изјави гувернерот на Алабама Кеј Ајви.
Тој беше прогласен за мртов во 20:25 часот по локално време во затвор во Алабама. Самиот процес траел 22 минути. На Смит му била ставена маска и преку неа вдишал чист азотен гас, предизвикувајќи недостиг на кислород.
Смит беше осуден на смрт за убиството во 1988 година, а властите во Алабама веќе се обидоа да ја извршат казната во ноември 2022 година со тоа што се обидоа да му вбризгаат смртоносна мешавина од хемикалии.
Меѓутоа, откако оние кои требало да ја извршат казната не успеале да пронајдат вена кај Смит, тие се откажале од обидот на полноќ, кога истекол федералниот налог за егзекуција. Досега, најчесто користен метод на егзекуција во САД е смртоносната инјекција, која е воведена во 1982 година.
Во последната изјава, Смит рече: „Вечерва Алабама предизвикува човештвото да направи чекор наназад. … Заминувам со љубов, мир и светлина“.
фото: ЕПА