Американските разузнавачки служби веќе нема да мора јавно да објавуваат информации за бројот на цивилни жртви убиени за време на воздушните напади „надвор од активната воена зона”, согласно новата наредба од американскиот претседател Доналд Трамп. Тој вчера ја укина одредбата која ја донесе неговиот претходник, Барак Обама, јави Си-Ен-Ен.
Со наредбата, се укинува обврската на разузнавачката служба да презентира некласифициран преглед на бројот на воздушни напади секоја година, како и проценка на повредените војници и цивили за време на тие напади.
Според последниот извештај од 2017 година, американската влада спровела 54 напади надвор од воената зона во Ирак, Сирија и Авганистан, во кои загинал еден цивил.
За разлика од разузнавачките служби, Министерството за одбрана се уште е законски обврзано да поднесе сличен извештај, бидејќи одлуката за тоа е под надлежност на Конгресот. Сепак, извештајот на Министерството се однесува исклучиво на американските воени операции на места како Ирак, Сирија, Авганистан, Сомалија и Либија.