Македонија и Србија од денеска применуваат заеднички систем за наплата на патарина со еден „таг“. Наместо да запираат или да купуваат дополнителен уред или картичка, возачите од двете земји ќе може со еден уред да платат патарини.
Од Јавното претпријатие за државни патишта за МИА информираа дека системот ги поминал успешно сите тестирања, подготвен е за употреба и е функционален.
ТАГ-от (микробранов транспондер) треба да се регистрира (преконфигурира) на веб пoрталот openbalkan-etc.com
Изминатиов период се правеше подготовка на интеграцијата на системите за наплата на патарина на Република Северна Македонија и Република Србија. Исто така, се вршеше подготовка и изработка на безбеден и ефикасен начин за реализација на трансакциите во двете земји. Во интеграцијата на системот е ангажиран кадар што и досега работеше на воспоставување на електронската наплата, објаснуваат од ЈПДП.
Примената на т.н „еден таг“ треба да ја зголеми безбедноста во сообраќајот и да го намали метежот на автопатиштата.
-Очекуваме овој начин на плаќање на патарина да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи, да се намали емисијата на штетни гасови од моторните возила, а предност за граѓаните е што во таканаречениот шпиц во сезоната нема да чекаат во редици, а ова, пак, значи дека побрзо ќе стигаат до одредената дестинација, велат од ЈПДП.
Проектот беше најавен во септември 2021 година во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, а во март годинава на 31 март годинава министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ потпишаа меморандум за соработка за интероперабилниот електронски систем за наплата на патната такса, како дел од процесот „Отворен Балкан“.
На патарините во државава од почетокот на годинава заклучно со 31-ви мај од наплата на патарина остварен е вкупен промет од 1.321.951.952 денари (21.495.154 евра)
Остварен е зголемен промет во однос на истиот период во 2022 (за првите пет месеци) во висина од 248.009.407, денари повеќе, или изразено во евра 4.032.673 поголем промет што претставува зголемување од над 23 проценти.
Електронската наплата во вкупно остварениот промет од наплата на патарина учествува со удел помеѓу 30 проценти до 33 проценти.
Електронски систем за наплата на патарини во државава е воведен од јули 2019 година на седум наплатни станици на Коридор 10, а во тек е модернизација со поставување таков систем на наплатните станици Миладиновци, Глумово, Желино, Тетово и Гостивар на Коридорот 8.