Со европски пари се реставрира црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град, кај Пустец, Мала Преспа, под надѕор на Регионалната дирекција за национална култура од Корча.

-Во тек е реставрацијата на црквата „Света Богородица“ на островот Мал Град, каде на виделина излегуваат дел од извонредни византиски фрески. Во исто време се поставува и надворешната врата, изработена врз основа на оригиналната, која се наоѓа во Музејот на средновековна уметност во Корча, објави општина Пустец. Со овој прекуграничен проект кој е продолжение на проектот „SmartCulTour“ ќе биде санирана и патеката до неа, а ќе биде поставено и осветлување на островот, информираа од општина Пустец.

Додаваат дека проектот е финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за прекугранична соработка и со заложба на општините Битола и Пустец, како и Дирекцијата за музеи од Битола, Регионалната дирекција за културно наследство Корча и Младинскиот културен центар од Битола.

Оценуваат дека „оваа соработка ќе го подигне односот меѓу нашите институции и држави на друго ниво“

Пештерската црква „Света Богородица“, со својот фрескоживопис отскокнува од другите пештерски цркви расфрлани по бреговите на Преспанското и Охридското Езеро.

Островот Мал Град се наоѓа на три километри североисточно од Пустец на југоисточниот брег на Преспанското Езеро.

Врз основа на записите сочувани на неа, оваа црква претрпела три измени. Во првиот натпис пишува дека основач на црквата е Бојко со жена му Евдокија во 1345 година. Во вториот натпис, пишува дека црквата е возобновена во 1369 година од Кесар Новак, неговата жена Кали, неговиот син Амирал и неговата ќерка Марија. А, третиот натпис датира во 1607 година, кога е насликана надворешната западна фасада. Внатрешноста на црквата е целосно живописна и е доста позната по ѕидните фрески од византискиот палеолошки стил.

МИА