Камбоџа вчера соопшти дека ги известила Обединетите нации и Тајланд дека започнала задолжителна постапка за помирување според меѓународното право за решавање на долгогодишниот поморски граничен спор со Бангкок, објавија британските медиуми.
Овој потег следува по одлуката на тајландската Влада од минатиот месец еднострано да го раскине договорот од 2001 година со Камбоџа, што обезбеди рамка за преговори за спорната област во Тајландскиот Залив каде што поморските претензии на двете земји се преклопуваат.
„Го презедовме овој чекор за да го заштитиме суверенитетот и поморските права на Камбоџа во согласност со меѓународното право“, рече камбоџанскиот премиер Хун Сен.
Дејствијата на Тајланд беа дел од предизборното ветување на тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул, кој беше реизбран во февруари поради националистичкото расположение во земјата, по воените судири меѓу двете земји минатата година долж нивната спорна граница.
Според Конвенцијата на Обединетите нации за правото на морето (UNCLOS), задолжителната постапка за помирување ѝ дозволува на комисија од независни експерти да го испита спорот и да даде препораки, иако нејзините заклучоци не се правно обврзувачки за страните.




